Јункер им порача на Каталонците: Шпанија не е Југославија
Претседателот на Европска комисија Жан Клод Јункер оцени дека Каталонците не се под репресија на Шпанија и оти ситуацијата во која се наоѓаат не може да се спореди со поранешна Југославија.
– Во Каталонија не постои проблем на кршење на човековите права, бидејќи Каталонците, кои ми се мили и чија култура ја почитувам, не се под репресија на Шпанија. Не може да се повлече паралела со Словенија и со други земји од поранешна Југославија со тоа што се случува во Каталонија – посочи Јункер синоќа за португалската телевизија РТП.
Тој додаде дека не сака „утре или задутре Европска унија да има 95 различни земји“.
– Ја изгубивме контролата. Националното единство и европското единство се работи кои одат заедно – посочи Јункер, повторно отфрлајќи ја можноста за посредување во судирот помеѓу Барселона и Мадрид.
Шпанскиот Сенат денеска ќе гласа за мерките што минатата недела ги предложи шпанскиот премиер Маријано Рахој за распуштање на каталонската Влада и распишување на вонредни избори во рок од шест месеци.
Таквите мерки би значеле дека шпанските министерства, шест месеци до организирањето на предвремени каталонски избори, ќе управуваат со каталонската полиција, финансии, јавните медиуми, телекомуникациите и информатичките служби. За тоа време каталонскиот Парламент не би можел да ги поништи мерките ниту да предложи нов претседател на регионалната влада.
– Ситуацијата помалку излезе од контрола, бидејќи Владата и еден дел од каталонскиот Парламент излегоа од рамките на законот. Шпанскиот Устав е прилично јасен – не може да се организира референдум за отцепување – истакна Јункер.
Тој додаде дека Европа нема никаква улога во конфликтот помеѓу Барселона и Мадрид.
– Шпанците се тие кои треба да го решат тој проблем – наведе Јункер.