Договорот со Грција се сели на ратификација во Парламентот
Утре претпладне пратениците ќе ја почнат расправата за потребата од ратификација на догворот за името. Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја закажа седницата откако се сретна со координаторите на пратеничките групи, вклучувајќи ја и опозицијата. Очекува до петок договорот да биде ратификуван. Предлог-законот што претпладнево го усвои, Владата го достави со европско знаменце, што беше пресудно, по изгласувањето на потребата, расправата да се пресели во Комисијата за европски прашања, чиј претседател е Артан Груби, а не во Комисијата за надворешни работи, со која претседава Антонио Милошоски и која е матична за ратификации и билатерални договори.
По дебатата во оваа собраниската комисија, за Договорот се гласа и на пленарна седница. За да се ратификува, потребно е мнозинство од 61 пратеник.
Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ кој е претседател на собраниската Комисија за надворешна политика реагира на одлуката на Владата да го поднесe Договорот со европско знаменце.
„Ратификациите се законска надлежност на Комисијата за надворешна политика како матично работно тело во Собранието. Сѐ друго е кршење на законот”, рече Милошоски.
Претседателот на Собранието Џафери вели дека очекува до петок договорот да биде ратификуван од Парламентот по што ќе биде пратен кај претседателот на државата Ѓорге Иванов. Тој денеска имал средби со сите координатори на пратеничките групи во Собранието, вклучувајќи ја и опозицијата.
На власта и се брза да го ратификува Договорот, поради заседанието на Европскиот совет кое е закажано на крајот на јуни, а на кое ќе се одлучува за датумот за почеток на преговорите со ЕУ.
Во Договорот за решaвање на спорот за името пишува дека по гласањето во македонското Собрание, грчката страна ги известува ЕУ и НАТО дека повеќе не го блокира интеграцискиот процес на Македонија и земјата може да добие датум за почеток на преговори и покана за членство во НАТО.