Заев: Правните служби бараат решение во случај Иванов да не ја потпише ратификацијата на договорот за името
Да, ќе заминам ако не успее референдумот во Македонија, но толку сум сигурен дека тој ќе успее. Очекувам сериозни проценти 75-85 насто, согласно колкави се процентите на граѓани кои се изјасниле дека се за ЕУ и НАТО, рече премиерот Зоран Заев во интервју за 1ТВ.
-Граѓаните немаат што да бираат, немаат друга алтернатива. Тие само треба да потврдат дека сакаат Македонија да биде членка на ЕУ и НАТО – рече Заев.
Премиерот рече дека се уште не размислувале за референдумското прашање, но тоа ќе биде поврзано со ЕУ и НАТО и секако со одлуката за името.
Тој истакна дека во случај претседателот Ѓорге Иванов да не го потпише законот за ратификација на договорот за името, правните служби работат на изнаоѓање решение.
– Жалам што претседателот Иванов го пропушти моментот со тоа што вака ги позиционираше своите ставови. Јас знам дека после успешниот референдум должност е сите да се поклониме и да го поддржиме, кој со глас во Парламентот, кој со потпис. Се уште немам информација дали претседателот Иванов ќе го потпише законот за ратификација на договорот, но тој објави дека нема да го потпише и веројатно нема да потпише. Потоа Парламентот ќе треба повторно да го изгласа и после тоа е должен да го потпише. Јас очекувам таа должност, тој да ја исполни, истакна Заев и додаде дека правните служби работат на изнаоѓање на решение, доколку Иванов не потпише.
– Решение мора да има, точно е дека имаме време Грција да го испрати писмото во ЕУ и НАТО. Во договорот стоеше Парламентот да го ратификува договорот, а не и претседателот, рече Заев.