Совети за нега на лицето во лето од Д-р Соња Петрушеска специјалист дерматовенеролог

loading...

Летото е период  кога сакаме да се опуштиме и да уживаме, а сончевите зраци да не разгалуваат со невините допири. Сонцето носи радост и среќа. Но истовремено знае да биде и опасно, да предизвика алергии, црвенило и изгореници.

На оваа тема разговараме со Д-р Соња Петрушеска специјалист дерматовенеролог , која ќе ни одговори на неколку прашања.

 

  1. Дали е точно дека кремот за лице треба да се менува на неколку месеци?

Меѓу луѓето има верување дека кремот за лице треба да се менува на неколку месеци бидејќи кожата се заситува од истиот. Вистина е дека треба да се смени, но причината е таа дека кремот кој и одговара на кожата во летните месеци не може да и одговара и во зимските месеци. Не е исто кожата да се штити од ниските температури, ветровито време и кога температурите се високи, УВ зраците се поинтензивни и интензивно се потиме. За да направиме подобар избор, треба да имаме предвид  дека кремот за лице кој го користиме во поладниот период од годината треба да е за нијанса погуст од тој што го користиме во летниот период.

  1. Дали брадавиците на рацете и стапалата треба да се лекуваат?

Брадавиците или латински verrucae vulgaris се бенигни промени на кожата предизвикани од вирусна инфекција. Често се сретнуваат кај луѓето бидејќи се контагиозни, односно може да се пренесат со контакт на други луѓе, а се расејуваат и кај истиот пациент во околината, раснат и естетски го нагрдуваат изгледот на кожата. Заради тоа најдобро е да се преземат мерки за нивно отстранување уште кога се поединечни или мали. Има неколку можности: 1. криотерапија со течен азот, 2. третман со термокаутер и 3.третман со радиобранови. Отстранување на брадавиците се прави во дерматолошките ординации од страна на доктор дерматовенеролог.

  1. Како можеме да се справиме со хиперпигментни промени на кожата?

Хиперпигментација претставува појава на кафено пребоени дамки на кожата. Често се сретнува во тек на бременоста кога кафени дамки се јавуваат на челото, образите, брадата и горната усна, но може да се јави и на други делови од телото. Хиперпигментацијата може да биде предизвикана и од земање на контрацептивна терапија, а почесто се јавува кај жените со посилна пигментација. Неколку месеци после породување хиперпигментацијата кај повеќето жени се повлекува. Таму каде што ќе остане може да се третира со медицински креми наменети за ваков проблем, со хемиски пилинг или со ласер. Потребна е и заштита од сонце бидејќи УВ зраци го зголемуваат создавањето на пигмент и доведуваат до потемнување на промените.

  1. Што треба да знаеме за акните?

Акните се проблем кој најчесто се јавува во тек на пубертет и можат да траат и по неколку години. На почеток на кожата се забележуваат црнки и белки (комедони), а со време истите можат да преминат во воспалени брунчиња и гнојаници. Додека се во форма на комедони потребно е да се третираат со производи за локален третман на акни и повремено да се прави механичко отстранување на комедоните, со цел да се отворат изводните канали на лојните жлезди. Овој третман е најдобро да се прави под надзор на дерматовенеролог, кој ќе процени кои промени можат механички да се третираат, а кои треба прво  да се лекуваат. Со ваквиот пристап ќе се избегне создавање на лузни на кожата кои се многу тешки за отстранување. Треба да се избере производ кој се бори со четирите проблеми на кожата склона кон акни: Зголемено лачење на себуm, создавање на комедони, бактериска колонизација и воспаление

  1. Дали состојбата на кожата може да се менува со текот на времето?

Кожата е подложна на надворешни влијанија кои заедно со внатрешните фактори влијаат на нејзиниот квалитет. Клетките на кожата со текот на годините побавно се делат, нивото на хормоните кои делуваат на жлездите се менува, што заедно доведува до постепено менување и на состојбата на кожата. На пример, млади особи кои во пубертет имаат масна кожа кон 30-тите и 40-тите години веќе имаат комбинирана или нормална кожа. Или ако во пубертет имаме нормална кожа, како возрасни може да имаме сува кожа. Во зависност од состојбата и возраста потребно е да најдеме соодветен крем за нега, со цел најдобро да ја негуваме и заштитиме нашата кожа.

 

  1. Во што е предноста при користењето на медицинската козметика, на сметка на останатите?

Ако некој сака безбедна нега за својата кожа, тоа ќе го добие со медицинската козметика. Таа е над обичната козметика, без оглед колку е таа квалитетна. Боите, парфеми и конзерванси се или комплетно отстранети во медицинската козметика, или се во мала количина на природна база. Медицинската козметика не содржи ни минерали, па доколку некој реагира со преосетливост на некој од минералите, слободно може да ja користи.

 

Д-р Соња Петрушеска Специјалист Дерматовенеролог

Translate »