Собранието повторно го изгласа Договорот со Грција

Со 69 гласа „за“, еден воздржан, ниеден против и без присуство на пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Собранието денеска по втор пат го ратификуваше Договорот со Грција. Овој пат беа присутени 70 пратеници во собраниската сала, а пратеникот Ферид Мухиќ, гласаше воздржано.

Според Мухиќ, самиот услов за промена на името и на Уставот е флагрантно кршење на Повелбата на ОН и на меѓународното право.

– Ова кршење на повелбата мора да се нотира, гласот на овој народ мора да се слушне и светот мора да знае на што се принудени народот и државата со оваа спогодба, рече пратеникот од владеачкото мнозинство.

Мухиќ ја цитираше германската канцеларка Ангела Меркел, според која, „националното достоинство не може да биде предмет на никаков компромис“.

Пред гласањето претседателот на Собранието, Талат Џафери, му порача на претседателот дека овој пат е должен да го потпише.

-Претседателот на Република Македонија е должен да го потпише указот доколку собранието го донесе законот со мнозинство од 61 пратеници во трето читање – рече Џафери.

Иванов  во неколку наврати најави дека ќе го употреби т.н. џебно вето и дека и покрај обврската која му ја наложува Уставот, повторно нема да го потпише указот.

 

Translate »