Кои се 900-те Македонци со годишни приходи над 80 илјади евра
Кои се 900 најбогати Македонци, чии годишни приходи изнесуваат најмалку 81 илјади евра, а често и многу повеќе.
Или, кои се луѓето, кај кои ако се извади нивниот просек, годишно заработуваат над 227 илјади евра.
Според одредени истражувања, доходовната нееднаквост во земјава не е толку голема меѓу останатиот дел од граѓаните, со исклучок на оние 0,1 отсто, или околу 900 граѓани, со годишни приходи над 81.300 евра најмалку, а просечно над 227 илјади евра.
Ако се погледне Џини индексот во земјава,
според последните податоци, тој изнесува 31,9, од што произлегува дека
ние немаме значајно поголема нееднаквост од некои европски држави, на
пример, Германија.
„Или, сличен на нашиот Џини коефициент имаат Грција, Португалија, Германија, како и просекот на земјите од Европската унија. Шведска и Данска, на пример, имаат Џини коефициент од 28, што не е особено понизок од нашиот. Тоа значи дека Република Северна Македонија нема толку голема доходовна нееднаквост, како што се зборува“, вели универзитетскиот професор Марјан Петрески, кој изработи презентација со индикатори за потребите на УНДП.
Податоците покажуваат и дека во земјава расте средната класа, или од 47,5 отсто, таа се зголемила на 55,7 проценти, што, пак, се случува кога во многу земји ширум светот средната класа се намалува. Причините за тоа лежат и во фактот што во последнава декада политиките главно беа фокусирани кај посиромашните, како што е зголемувањето на социјалната помош, ад хок зголемувањата на пензиите, воведувањето и зголемувањето на минималната плата, како и земјоделските субвенции, кои иако не беа со таква намена, имаа силна социјална компонента.
Дури и да се гледаат најбогатите 20 отсто во земјава, ќе се види дека нема големи разлики меѓу нив со другиот дел од населението. Практично и нема големи проблеми се додека не дојдеме до оние 0,1 отсто од најбогатите во земјава.
Според
него, ако се изземат овие 900 луѓе, тогаш меѓу сите останати во земјава
воопшто немаме голема нееднаквост.„Од тоа би произлегол заклучок дека
попрво сите колективно сме сиромашни, а не сме толку многу нееднакви.
Затоа, прашањето е дали ние сме во заблуда дека е толку висока
доходовната нееднаквост“, вели Петрески.
А земјава е на 82 место на светската листа на УНДП за човечки развој, во најновиот извештај на организацијата. Тој покажува дали земјата има многу висок, висок, среден или низок човечки развој, врз основа на фактори како што се бруто домашниот производ по глава на жител, животниот век, образованието, како и здравството. Со оваа позиција сме позади речиси сите земји од регионот. Па така, пред нас се Словенија, која е на 24 место, Грција која е 32, како и Бугарија и Црна Гора, кои го делат 52 место. Овие држави се во групата земји со многу висок човечки развој, што значи дека ние сме една категорија подолу, од вкупно четири категории. Според индексот, ние сме и позади Србија, која го зазела 63 место, Албанија која е на 69 позиција, а пред нас е дури и Босна и Херцеговина, која е на 75 место.
редакција Фактор.мк