Прослави низ Македонија за НАТО

Во 15 градови низ државата, вчера Владата организираше концерти за прослава на добивањето на поканата за преговори за членство во НАТО.

Во Скопје, прославата се одвиваше во Градскиот парк, кај Школка. Започна со групата Quepurdat, како и со Кирил Џајковски и Архангел. На присутните им се делеа бели балони и знаменца со натпис „Одиме напред, Македонија во НАТО и ЕУ“.

Со скопјани прославуваа вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Никола Димитров како и претставници на дипломатскиот кор.

„Многу години имавме чувства дека ја пропуштаме секоја шанса и дека лоши работи се случуваат на државата и на граѓаните. На сите нас ни е доста од лоши вести од трауматични искуства. Да кажеме дека кога сме заедно, кога знаеме што сакаме дека навистина можеме да покренеме планини. Чувството на сите денеска во различни градови низ Македонија е токму тоа, сакаме добри вести и сакаме резултати. Заедно можеме да ги оствариме“, изјави Шекеринска.

Шеќеринска очекува доколку сите работи се направат како што треба Македонија следната година да стане земја членка на НАТО.

„Ако не го губиме времето, ако не дадеме шанса на политикантите да ни ги носат политичките одлуки, туку на граѓаните, следната година шансите се големи Македонија да стане земја членка на НАТО“, рече таа.

За министерот Димитров пред нас имаме голема историска година со големи крстосници.

„Многу чекавме. Од 1993 година сакаме да влеземе во НАТО, 25 години поминаа, 10 години откако не успеавме во Букурешт. Голема историска година имаме пред нас со големи крстосници. Успеавме прашалниците за тоа кои сме дали сме Македонци, дали зборуваме македонски јазик да ги затвориме. Тие сме. И успеавме да изградиме пријателство со три држави со кои имаме деликатни односи историски. Од тензии си направивме пријателство и другарство и благодарение на тоа ни се отвораат патиштата за НАТО и си имаме големо ветување за во јуни 2019 за ЕУ“, изјави Димитров.

Премиерот Зоран Заев, беше на прославата во Битола, од каде што порача дека НАТО е стратешка цел на Македонија.

„Дочекавме големи настани. Ги остваруваме нашите заеднички стратешки цели, нашите заеднички сонови и надежи. Концертите вечерва се покана за обединување, со сите наши политички разлики, околу остварените стратешки цели на нашата земја – Членството во ЕУ и во НАТО. Ова се настани што ни се дадени и заслужени и за нешто друго: Да го испратиме во историјата, да го заборавиме еднаш засекогаш синдромот да го порекнуваме успехот на другиот! Зашто секој успех е успех за сите нас. За секој граѓанин“, рече меѓу другото Заев.

Тој ги повика граѓаните: „Денеска силите што не делат – не се толку силни како силите што не обединуваат! Силите што не обединуваат се датумот за преговори со ЕУ и поканата за членство во НАТО. Тоа се силите што ни ја отворија иднината. Ги повикувам сите граѓани, САМИ да си одговорат на прашањето: Каде бевме пред една година, каде сме денес? Македонија е слободна земја. Секој граѓанин самостојно одлучува и ќе одлучува за својот став. Ја повикувам уште еднаш, и ќе ја повикувам опозицијата отсега натаму секој ден: Ајде да ја избереме македонската иднина! Нашата заедничка иднина. Ајде да престане сеењето омраза. Да се издигнеме над делбите и разликите. Заради нас, заради нашата држава, и заради иднината на нашите и на следните генерации“.

Translate »