Јовановска :Лосос и јајца од јапонска потполошка се набавувале во агенцијата

Свеж лосос, и лаврак, јаткасти производи ,машки чорапи, влажни марамчиња, козметика, аутан, спрејови, млеко за тело, смоки, цигари, мешан кашкавал и јајца од јапонска потполошка, напитоци од соја, гумени бонбони,  сувомесни производи, овошје, се дел од продуктите кои наводно ги купувала Слободанка Алексовска, поранешната раководителка на Центарот за вработување на Скопје при Агенцијата за вработување, информираше на денешната прес-конференција директорката на Агенцијата, Билјана Јовановска.

Како што посочи Јовановска, Алексовска, во согласност со позитивните правни прописи е суспендирана од работното место раководител на Центар за вработување на Град Скопје, односно донесена е одлука за поведување на дисциплинска постапка која ќе продолжи по завршувањето на изборите. Во тек е комплетирање на документација неопходна за поднесување кривична пријава за сторени кривични дела од страна на Алексовска.

„Слободанка Алексовска несовесно, спротивно на правните прописи, со злоупотреба на службената положба и овластувања нанела штета на имотот и буџетските средства на Агенцијата за вработување. Спротивно на Правилникот за користење на службени моторни возила, Алексовска користела две службени возила надвор од работното време, по 16 часот и 30 минути и тоа за време на викенди, за време на користење слободни денови и при користење на годишен одмор. Од буџетот на Агенцијата Алексовска трошела средства за патарини и паркинг услуги надвор од работното време во неработни денови и во доцните вечерни часови. Исто така, за угостителски услуги правела повеќе сметки во износи над 6.000 денари во доцните вечерни часови и за време на викенди“, информираше Јовановска.

Нејзината претходничка, како што кажа, од буџетот на оваа институција во 2016 година потрошила 429.597 денари (околу 7.000 евра), а за првата половина од оваа година 116.625 денари (околу 2.000 евра) за свои лични и семејни потреби од маркети, молови, аптеки и слично. Како доказ за овие тврдења Јовановска на новинарите присутни на денешната прес- конференција им приложи фотокопии од фискални сметки.

Јовановска додаде дека ревизија за годините пред 2016 година се уште не е направена и дека ќе се преземат мерки за да се истражи целосно работењето на Агенцијата и на сите раководители во тој период.

Translate »