Јакимовски остана без пасош, тој и неговите соработници се сомничат за проневера на 600 000 евра
Финансиската полиција поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски и уште четворица вработени во општината во период од 2012 до 2013 година. Тие се товарат за злоупотреба на службена положба при што во три постапки за јавни набавки го оштетиле државниот буџет за 600 илјади евра, информира Финансиската полиција.
Освен тоа, Јакимовски се товари и за злоупотреба на службената должност во 2016 година, за доделување тендер за изградба и уредување на плоштад во „Жданец“. Од Основното јавно обвинителство, информираа дека осомничените се товарат за злоупотреба на службената положба и дека од судијата на претходна постапка побарале судот да изрече мерка претпазливост.
Вчера Финансиската полиција изврши претрес во домот и станот на Јакимоски, а тој беше однесен на информативен разговор во полициска станица, од каде денеска беше спроведен во Основниот Суд – Скопје 1, заедно со останатите четворица осомничени. Пред влезот на судот, Јакимовски на новинарите им упати пцовки.
Излегувајќи од Судот во придружба со адвокатот Виктор Цветковски, Јакимовски пред медиумите изјави дека не чувствува вина и дека нема намера да се извини.
Адвокатот Виктор Цветковски, изјави дека на неговиот клиент му е одземена патната исправа и дека му е ограничена слободата на движење.