Се воведува привремен сообраќаен режим на булеварот Македонија
Градот Скопје ги известува граѓаните дека од среда (22.08.2018 година) поради изведување градежни активности за изградба на подземна сообраќајница од страна на компанијата „ЛИМАК“ се воведува привремен сообраќаен режим на булеварот Македонија (Јужен Булевар, зад Музејот на Град Скопје и ТЦ „Рамстор“).
Поради градежни работи ќе се извршат и промени во трасите на автобусите на јавниот превоз коишто се движат по оваа сообраќајница. Така, трасата на движење на автобуската линија бр. 9, во насока од Клиничкиот центар кон Скопје Север е променета на тој начин што на крстосницата меѓу улицата Јордан Мијалков (поранешната улица Железничка) и улицата Герман, автобусите нема да вртат лево кон булеварот Македонија. Автобусите ќе продолжат да се движат право и истите подоцна ќе се приклучат кон булеварот Македонија преку привремена улица пред натпатникот на улицата Павел Шатев, при што ќе продолжат да се движат по постојната траса на линијата со бр.9.
Согласно со овие промени, автобуското стојалиште на булеварот Македонија, кое што е во непосредна близина на катната гаража (наспроти седиштето на „Макпетрол“) привремено ќе се премести на улицата Јордан Мијалков, по пешачкиот премин кој води до паркот „Урбан парк“.