Почина актерот Ванчо Петрушевски

Македонскиот актер и доајен на Драмскиот театар Ванчо Петрушевски почина денеска на 67-годишна возраст. Од МВР за Макфакс велат дека денеска добиле повик од Итна медицинска помош за смрт кај лице во Орешани и дека кон местото е упатена полициска екипа за увид.

Засега нема точни информации како починал актерот. Најверојатно загинал од струен удар.

„Тукушто разбрав дека доајенот на Драмски театар и македонското глумиште, Ванчо Петрушевски, трагично го загуби животот. Почивај во мир Рамче. За комеморацијата и погребот дополнително ќе известиме“, напиша директорот на Драмски театар, Сашо Тасевски на Фејсбук.

Ванчо Петрушевски (67) веднаш по завршувањето на Високата музичка школа, отсек за актерски кадри во Скопје во 1975 година се вработил во Драмскиот театар во Скопје, каде неговиот раскошен талент го истакнал веќе во првата претстава „Ослободување на Скопје“ од Д. Јовановиќ.

Учествувал во голем број радио-драмски проекти, телевизиски драми и серии. Добитник е на голем број награди.

Translate »