Грците во сабота ќе излезат на протести против Договорот од Преспа

Грчките организации од дијаспората и „Комисиите за борба за Македонија“ ги повикуваат Грците во сабота, во 19 часот, да излезат на протест  во Солун против договорот од Преспа .

„Сите со грчки знамиња во рака, дојдете да го преплавиме Солун по повод присуството на премиерот Ципрас на отворањето на Меѓународниот саем. Собирот ги засега сите Грци, затоа што не треба да се дозволи словенизација на македонскиот хеленизам што води кон отстапување на грчки територии“, пишуваат организаторите во соопштението.

Веќе се организираат и автобуси од повеќе грчки градови за Грците кои што сакаат да учествуваат на протестите, а цените на билетите се движат од пет до 25 евра во зависност од оддалеченоста на градот.

Следниов викенд, вниманието на грчката јавност ќе биде насочено кон Солун, каде што секоја година, на отворањето на традиционалниот меѓународен саем, се обраќа премиерот на земјата, ја презентира агендата и политиката на владата за следниот период, а следниот ден премиерот одговара на новинарски прашања на прес конференција.

Освен протестите против Договорот од Преспа, демонстрации најавуваат и грчките синдикати против владината политика.

За да се избегнат и спречат било какви проблеми или инциденти, секоја година, за Солун заминуваат голем број полициски сили, но сега, според грчките медиуми, овој број ќе биде поголем во споредба со лани.

Translate »