Петар БОГОЈЕСКИ-Ропството е болест!
Ропството е болест. Ако се привикнеш на него, ти станува редовна и прифатлива судбина. Само ако жестоко се спротивставиш, може да се излечиш. Ние имаме доволно искуство за отпор низ вековите. Едно време нашиот отпор ни стана навика. И тоа како прифатливо поведение за пофалба. Тоа е причина за гордост, кога е насочено против туѓи држави. Но, некако не се снајдовме со пренасочување на отпорот во нашата држава. Знам дека сме биле насочени да уриваме држави што нѐ поробувале. Ама ова е наша држава драги мои, Македонци.
Често употребувам „да ја ослободиме Македонија“. Уште почесто добивам прашања „од кого?“, „од што?“, „како да ја ослободиме?“… безброј коментари. Тешко е да се одговори со еден збор зашто има премногу одговори од кого, од што, како… итн. Но, едно е најважно, да ја ослободиме Македонија од ропскиот менталитет на Македонците. Ако ја постигнеме менталната слобода, тогаш од сѐ ќе се ослободиме. Ја знаете онаа со птицата, родена и порасната во кафез. Слободата за неа била болест, неприродна состојба. Не сакала да полета кон небото. Е исто така и ние Македонците, не сакаме да ја прифатиме слободата како природна состојба на човекот, туку за нас е болест и упорно бараме повторно да бидеме поробени. Не само што бараме, туку и активно работиме на тоа.
Ако се ослободиме од стравот да бидеме слободни, тогаш природната состојба ќе ни биде да бидеме слободни и никогаш повеќе нема да прифатиме ропство. Тогаш нема да трпиме мафијашко ропство, нема да трпиме олигархиска управа, нема да трпиме закани од политички партии, контрола на нашите животи од партиски комесари, самоцензура на нашата мисла и збор, слобода од глад и жед… јасно и гласно да си ги кажеме желбите и потребите. Имаме многу „од што“ да ја ослободиме Македонија. Важно е да собереме храброст и да почнеме. А имаме ли храброст? Ќе почнеме ли?
Ропството е болест. Ако се привикнеш на него, ти станува редовна и прифатлива судбина. Само ако жестоко се спротивставиш, може да се излечиш. Ние имаме доволно искуство за отпор низ вековите. Едно време нашиот отпор ни стана навика. И тоа како прифатливо поведение за пофалба. Тоа е причина за гордост, кога е насочено против туѓи држави. Но, некако не се снајдовме со пренасочување на отпорот во нашата држава. Знам дека сме биле насочени да уриваме држави што нѐ поробувале. Ама ова е наша држава драги мои, Македонци. Доволно ја рушевме. Не е потребен отпор на државата, плукање на државата, предавање на државата, напуштање на државата… зашто е наша и таа е сега гарант за нашата слобода. Ако си ја срушиме државата, ќе си ја изгубиме слободата.
Сами ќе си донесеме ново ропство. Нашиот отпор треба да биде насочен кон елитите кои ја управуваат државата на погрешен начин. Кога некоја работа не можеш да завршиш на шалтер, не плукај по државата, туку по министерот што го раководи тоа министерство, а ти го плаќаш за тоа. Кога докторот не може да ти помогне и те испраќа сам да си купиш лек за да ти помогне, не ја руши државата, туку директорот на клиниката, кој не е способен да набави основни лекови и медицински материјал. Кога даскалот ќе ти напише единица, не заминувај во приватно полесно школо, туку избори се да се подобри системот на образование, спротистави се на министерот кој е налбат, а го води министерството за образование. Фокусирај се на причината, а не на последицата.
Македонија не е крива за нашата неспособност да ја направиме нормална и функционална држава. Македонија има најмногу мака од нас Македонците. Ние баравме независност, но дали ја консумиравме таа состојба? Тоа е исто кога бараш невеста, а не го консумираш бракот, па потоа е виновен комшијата зашто ја завршил работата место тебе. Независност означува и одговорност. Исто како бракот и семејството, тоа не е само задоволство, туку пред сѐ одговорност. Македонија е едно мало семејство на сите нас Македонците, граѓани на Републиката. Или ќе се организираме, ќе ја преземеме одговорноста и ќе си ја запазиме слободата или комшиите ќе ни ја преземат „привилегијата“. Како што и постојано прават. Кабаетот не е кај нив, туку кај нас.
Често и неовластено, одговорноста на народот ја презема мафијата. Ама тука е крив народот што ја препуштил државата во рацете на мафијата. Исто како судбината на семејството да ја препуштиш на најголемите душмани. Е тоа го правиме со нашиот ропски менталитет. Наведната глава сабја не ја сече. Да, ама и газот не го покрива. А комшииве се навртиле од позади. Исто и домашниве ајдуци. Така да, наведната глава нема да ве куртули. Ја дигнете главите и да се избориме за слободата. Да ја ослободиме Македонија.
Извор Фокус.мк