Претходната Влада потрошила повеќе од 31 милион евра од буџетот на државата за рекламирање на бизнис потенцијалите на земјава во странски медиуми,  соопшти денеска на прес-конференција портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски,

На прес-конференцијата, Бошњаковски ги објави податоците за сумите од буџетот што претходната Влада ги потрошила за привлекува странски инвестиции во земјава.

Како што истакна портпаролот на Владата станува збор за потрошени над 130 милиони евра.

Покрај трошоците за реклами во странски медиуми, претходната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и од тогашниот премиер Никола Груевски, за привлекување на странски инвестиции во домашните медиуми платила 12,5 милиони евра, за т.н. „роуд шоуа“ биле потрошени 5,6 милиони евра, а економските промотори ги чинеле граѓаните и државата 12,5 милиони евра.

„Во овој дел од анализата особено се истакнува една дополнителна бројка, а тоа се дополнителни приходи, станарини, закуп и друго на министрите без ресор кои биле задолжени за странски инвестиции и на кои им биле исплатени 2,8 милиони евра како дополнителни бенефиции надвор од месечната бруто плата“, велат од Владата.

Пред два дена, на прес-конференција Владата објави дека биле потрошени 225 милиони евра, за влез на 25 странски компании, кои оствариле 20.000 вработувања.

 Мета.мк