Започнува реформата во даночниот систем за поправедно оданочување и намалување на даночната евазија
Оваа година започнува процесот на даночна реформа преку 13 поставени цели, 40-тина активности и бројни подактивности дадени во Акцискиот план за 2021 година, за спроведување на Стратегијата за реформа на даночниот систем 2021-2025. Мерките предвидуваат анализи, примена на модели и искуства, а ќе бидат проследени со јавни расправи и консултации, соопшти Министерството за финансии.
Конкретните цели Акцискиот план се: подобрување на постојната даночна политика и нејзино усогласување со ЕУ, обезбедување праведна конкуренција, анализа на даночната основа, намалување на даночната евазија, на даночните долгови, подобрување на капацитетите на институциите, зголемување на транспарентноста, подобрување на контролните механизми, на услугите и воведување на стимуланси за еколошка одговорност и „зелено“ оданочување.
Петте приоритети кои треба да се постигнат со спроведување на Акцискиот план, се: поголема праведност во оданочувањето, подобра ефикасност и ефективност на даночните приходи во насока на наплата на приходи, поголема даночна транспарентност, поголем квалитет на услугите и воведување на зелено „еколошко“ оданочување.
Во оваа насока беше денешната дискусија на министерот за финансии Фатмир Бесими со претставници на академската и експертската заедница, од МАНУ- Таки Фити и Абдулменаф Беџети и универзитетски професори и експерти од областа на даночната регулатива- Трајко Славески, Владимир Филиповски, Никола Поповски, Александар Стојков, Благица Петрески, Марјан Петрески, Александра Наќева-Ружин, Глигор Бишев, Никица Мојсовски и Горан Рафајловски.