Олабавување на мерките по 27 април. Летните тераси ќе се отворат пред Велигден!

Комисијата за заразни болести предлага Владата на наредната седница да донесе одлука за продолжување на постојните рестриктивни мерки до 27 април, но доколку биде потврден трендот на опаѓање на бројките на заразени и хоспитализирани од Ковид-19, Главниот координативен штаб ќе ја разгледа можноста за предлог за намалување на рестрикциите во перидот од 27 април до 15 мај оваа година, соопшти денеска Владата.

Инаку, Владата утре на седница ќе ја разгледа денеска донесената препорака од Комисијата за заразни болести, а што ја разгледа и Кризниот штаб, за продолжување на постоечките рестриктивните мерки до 27 април кои беа воведени на 6 април.

Со постојните мерки полицискиот час започнува од 20 до 5 часот, угостителските објекти се затворени за гости, како и салите за вежбање, додека обложувалниците и казината работат со посебни протоколи.

Од Владата велат дека можното намалување на рестрикциите од 27 април ќе вклучува отворање на угостителските објекти за работа со посетители во отворените делови, односно само на терасите или градините, а не во затворениот дел. Потоа, полицискиот час да трае од 21 до 5 часот, да се дозволи организирање на спортски тренинзи организирани од фитнес центрите или клубовите само на отворен простор, наместо во затворена спортска вежбална или сала.

Од Владата информираат дека се можни и други мерки во зависност од епидемиолошките текови и состојби во државата.

Оттаму посочуваат дека наведените предлог-мерки на Комисијата за заразни болести ќе се разгледуваат исклучиво доколку се задржат трендовите на опаѓање на бројките на новозаразени и хоспитализирани лица.

„За што клучно е почитувањето на личните мерки за заштита од Ковид-19 и активните протоколи за функционирање во услови на Ковид-19“, наведуваат од Владата.

Translate »