„Најди некој со сила од Унијата на жени, некој непознат“, Јанакиески вртел телефони за да бара противкандидат за градоначалник

На продолжението од судењето за предметот на специјалното јавно обвинителство, познат со кодното име „Титаник“, во доказната постапка се репродуцираат необјавени бомби во судницата.

Во неколку од нив ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, им врти на телефон на партиски активисти и соработници за итно да најдат противкандидати за градоначалници во неколку општини. „Најди некој со сила од Унијата на жени, некој непознат, од УМС… Ни кампања ќе има ни бутур“, вели Јанакиески.

Во друг разговор од 16 февруари 2013 година Јанакиески му вели на соговорник да му најде итно, за 5 минути, противкандидат. На Славе Гошев, експратеник од ВМРО-ДПМНЕ од Струмица, му вели: „Дајте еден противкандидат. Пушти ѝ паричка“.

На тоа Гошев со смеење му одговара: „Ќе му дадам 2.000 евра“. Во следниот разговор од истиот ден Гошев му вели на Јанакиески дека успеал да најде само еден: „Не се нафаќат. Пари давам, не се нафаќат. Еден потпиша, уште еден“. Јанакиески на Гошев му дава насоки, тие што ќе ги најде, да ѝ се јави и да ѝ ги каже на Марија Андоновска.

„Ми треба втор кандидат за човек од Градско“, вели поранешниот министер во друг разговор истиот ден.

Јанакиески во бомбите вели дека ако нема 50 отсто одѕив, ќе се повторат изборите. Макфакс.мк

Translate »