Прочитајте кои се 4- те амандмани со кои се менува уставот
Владата го усвои Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот предвидено со Договорот од Преспа нa денешната 92. вонредна седница и ќе го поднесе во Собранието. Ова е целиот текст на Предлогот.
ПРЕДЛОГ ЗА ПРИСТАПУВАЊЕ КОН ИЗМЕНА НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
СО НАСОКИ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
1. ДОДАВАЊЕ НА ПРИДАВКАТА СЕВЕРНА ВО ИМЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Во целиот текст на Уставот на Република Македонија пред зборот Македонија се додава придавката Северна.
2. ИЗМЕНИ ВО ПРЕАМБУЛАТА НА УСТАВОТ
Заради усогласување на текстот на Преамбулата со Договорот со Грција, во Преамбулата ќе бидат извршени соодветни измени. Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија при наведувањето на државно-правните традиции, ќе се именуваат конкретни документи на АСНОМ, односно ќе се внесе повикување на Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ, со неговите конститутивни одлуки.
3. ПОЦВРСТА ГАРАНЦИЈА НА ГРАНИЦАТА
Во членот 3 од Уставот е регулирано дека територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива. Постојната граница на Република Македонија е неповредлива. Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави. Границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност и во согласност со општо прифатените меѓународни норми.
Овој член веќе беше изменет во 1992 година со Амандманот I, кога беше додаден принципот на доброволност при промена на границата и согласноста со општо прифатените меѓународни норми. Исто така со овој амандман беше декларирано дека Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави.
Со новиот уставен амандман кој се предлага ќе се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и со тоа ќе се прецизира поцврста гаранција за трајноста на границите и дека Република Македонија нема територијални претензии. Тоа ќе значи заштита на територијалниот интегритет на Република Македонија и на соседните земји.
4. ГРИЖА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ И ДИЈАСПОРАТА ВО СТРАНСТВО
Во членот 49 од Уставот е пропишано дека Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив. Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Републиката во странство. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
И овој член беше изменет со Амандманот II во 1992 година ко предвидуваше дека Републиката нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
Со уставниот амандман кој се предлага ќе се декларира грижа за културните, економските и социјалните права на припадниците на македонскиот народ и сите наши граѓани во странство, без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи, во било каква форма и заради било каква причина.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
1. ДОДАВАЊЕ НА ПРИДАВКАТА СЕВЕРНА ВО ИМЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Договорот со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.
Притоа, покрај општи услови и рокови за стапување во сила на амандманите кои ќе бидат врзани со влегување во сила на Договорот и ратификација на протоколот за пристапување на Република Македонија во НАТО во Парламентот на Република Грција, односно престанок на важење на амандманите во случај на невлегување во сила на овие два документи, за начинот на примена на овој конкретен амандман ќе има и посебни рокови.
Имено во согласност со договорот ќе биде утврден преоден период за примена на одредбата во однос на важноста на веќе постоечките документи и материјали издадени од органите на власт на Република Македонија. При тоа ќе има два преодни периода: „технички“ и „политички“.
„Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација на Република Македонија за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува со истекот на нивното важење, но најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на договорот.
„Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Република Македонија. Издавањето на ваквите документи и материјали ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантната област во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.
2. ИЗМЕНИ ВО ПРЕАМБУЛАТА НА УСТАВОТ
Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Договорот со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.
3. ПОЦВРСТА ГАРАНЦИЈА НА ГРАНИЦАТА
Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Договорот со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.
Со Договорот се потврдува постоечка меѓусебна граница меѓу Република Македонија и Грција како трајна и неповредлива меѓународна граница, при што се презема обврска ниту една од двете држави да нема, ниту да поддржува никакви претензии кон кој било дел од територијата на другата држава, ниту пак претензии за промена на нивната меѓусебна постоечка граница. Покрај тоа, и Република Македонија и Грција се обврзаа дека нема да поддржуваат какви било вакви претензии кои може да ги изнесат трети страни.
Република Македонија и Грција се обврзаа да го почитуваат суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на другата држава и да не поддржуваат какви било активности на трети страни насочени против суверенитетот, територијалниот интегритет или политичката независност на другата држава.
Исто така двете држави презедоа обврска, во согласност со целите и начелата на Повелбата на Обединетите Нации, да се воздржуваат од закани или употреба на сила, вклучително и од закани или употреба на сила со намера да се наруши нивната меѓусебна постоечка граница.
4. ГРИЖА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ И ДИЈАСПОРАТА ВО СТРАНСТВО
Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Договорот со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.
Согласно Договорот, Република Македонија и Грција се обврзаа ниту една одредба од Уставот, да не може или не треба да се толкува на начин кој претставува или кога било ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на другата држава, во каква било форма или заради каква било причина, вклучително и заради заштитата на статусот и првата на кои било лица кои не се нејзини граѓани