Вработените во Телеком организираа еко-акција за чист Градски парк
Вработените во Македонски Телеком денеска спроведоа акција за собирање на отпадот во Градскиот парк. Во рамките на оваа еко-акција, повеќе од 150 вработени во Македонски Телеком заедно учествуваа во чистење на расфрланиот отпад на потегот од хотелот Александар палас до централниот дел од Градскиот парк. Станува збор за втора по ред еко-акција за чистење во која учествуваат вработените во Телеком, а која е дел од долгорочната компаниска иницијатива #Telekom Goes Green
Напредокот на технологијата секогаш мора да оди паралелно со напредокот на свеста за нејзиното влијание врз животот на граѓаните и врз општеството. Во тој контекст, вработените во Македонски Телеком како телекомуникациски лидер, со години наназад ја негуваат општествената одговорност како практика и имаат висока свест за важноста од грижа за животната средина. Свесни дека секоја промена во општеството започнува првин од секој поединец, главната цел е со лични примери да се постигнат позитивни резултати. Идејата на ваквите акциии е со заеднички труд, полека но сигурно да се подигне еко-свеста во општеството, да се поттикнат поединците и организациите за подобрување на животната средина, со што ќе се обезбедат услови за безгрижен раст на младите генерации во иднина.
Чистењето на Градскиот парк е втора по ред еко-акција годинава во која учествуваат вработените во Македонски Телеком, како дел од долгорочната компаниска иницијатива #Telekom Goes Green. Првата акција за чистење се одржа на почетокот од јуни кога вработените го собираа отпадот од парк шумата Водно.
Со желба да дадат позитивен пример и повик за одговорно однесување кон животната средина, вработените во Телеком селектираа дел од собраниот отпад и го предадоа на рециклирање. Акцијата за чистење на Градскиот парк, вработените ја реализираа во соработка и поддршка на непрофитниот постапувач со отпад „Пакомак“ и Градот Скопје.