Сведок тврди дека за „Крвавиот четврток“ имало план за воена состојба

Никола Војминовски, кој е осуден за обид за убиство на Зијадин Села на 27 април, во денешното сведочење пред Кривичниот суд за крвавиот четврток во Парламентот рече дека од разговорите што ги слушал пред настаните на 27 април, било планирано претседателот Ѓорге Иванов да прогласи воена состојба и да апси некои лица.

Одговарајќи на прашања тој рече дека во Собранието влегол со намера да им помага на повредените. Кажа дека неколку дена пред настаните на 27 април се сретнал со поранешниот заменик-министер за внатрешни работи Оливер Андонов, токму пред Собранието, каде биле и пратениците Љубен Арнаудов и Сашо Василевски и некој Љупчо. Андонов и Арнаудов рекле дека единствен начин да се реши ситуацијата е да се отворат вратите на Собранието, како што и се направи на 27 април и дека претседателот Иванов ќе прогласи воена состојба и ќе се апсат одредени лица

Сведокот Орданче Соколовски, вработен како монтер на безбедносни системи во „Сенсор“, фирмата што ги инсталираше безбедносните камери во Собранието на Република Македонија и што е задолжена за нивно одржување, пак, рече дека на 28 април 2017 година бил во Собранието по наредба на јавен обвинител и на неговиот претпоставен во фирмата и присуствувал на отпечатувањето на собата за видео надзор.

Заедно, како што рече, со повеќе началници влегле во мониторинг собата за да констатираат каква и е состојбата и забележал дека има два компјутера кои не функционираат и се изгасени. Кога ги вклучиле виделе дека им недостасуваат два хард диска на кои, прецизира, не се врши никаков запис и единствено служат за следење на работата на ДВР (Дигиталните видео рекордери) на контролните монитори. Снимките, како што кажа, се зачувуваат во ДВР-ите. По налог пристапиле кон вадење на снимките од ДВР-ите за што им биле донесени УСБ стикови и им било посочено од која камера треба да се извадат снимките и за кој временски период. Веднаш потоа УСБ стиковите ги предале на овластено лице за што има и записник.

Во одговор на вкрстени прашања Соколовски рече дека безбедносна камера има само пред прес-салата во Собранието, но не и внатре во салата и додаде дека секогаш кога влегувале во мониторинг системот со нив имало и вработен во Собранието, како и дека за секое влегување во системот за видео надзор е неопходна шифра.

Со неговото сведочење заврши денешното рочиште во Кривичен суд. Новото е закажано за 16 октомври во 10 часот кога треба да даде исказ заштитениот сведок Ѕ1.

Translate »