Македонија официјално ги почнува претпристапните разговори за членство во НАТО
Со посетата на членовите на Комитетот за интеграција во НАТО и на Работниот комитет за интерација на седиштето на Алијансата во Брисел денеска и утре почнуваат претпристапните разговори за членство на Македонија во најголемиот воено-политички сојуз во светот.
Македонија на Самитот на НАТО во Брисел во јули и официјално доби покана за членство, но влезот е условен со имплементација на Договорот од Преспа.
Со оваа сесија разговори во Брисел, Македонија де факто ја отвора последната фаза во односите со НАТО пред членството во Алијансата.
Комитетот за интеграција на НАТО е на министерско, додека Работниот комитет за интеграција, на чие чело е националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски дејствува на оперативно ниво.
Македонската делегација ќе се состане со експерти од НАТО, чиј тим ќе биде предводен од помошникот на генералниот секретар на НАТО за политички работи и безбедносна политика, Алехандро Алваргонзалес. Да се номинира висок претставник на НАТО да ги предводи пристапните разговори е пракса што исто така се примени при последното проширување на НАТО со Црна Гора. Алваргонзалес веќе го посети во Скопје во март 2018 каде оствари средби со високи претставници на земјата.
Македонската страна изготви нацрт-програма, која ќе биде презентирана во Брисел. Примарниот фокус во неа е насочен кон владеењето на правото, судските реформи, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформите во одбранбениот сектор, но и во безбедносните служби, како и правните прашања кои произлегуваат од членството на Македонија во НАТО.
Разговорите ќе се одвиваат во две сесии, првата ќе ги опфати политичките и одбранбените прашања за исполнување на критериумите, а втората прашањата поврзани со ресурсите, безбедноста, правните аспекти, како и придонесот на Макеоднија во заедничкиот буџет на Алијансата. Во оваа фаза на преговорите начелно ќе биде утврдена временската рамка за нивно комплетирање.
– Сето ова треба да оди преку имплементација на Договорот од Преспа, како што впрочем и ни диктира доминатната политичка волја на мнозинството македонски граѓани. Според сите анализи направени од релевантни институции и поединци, нашето членство во НАТО значително ќе ја зголеми безбедноста и стабилноста на земјата, но во исто време ќе биде и позитивен пример и придонес кон регионалнатата безбедност, стабилност и просперитет, рече Пендаровски на прес-конференцијата во вторникот, на која заедно со вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и шефот на дипломатијата Никола Димитров го најавија стартот на разговорите.
Процесот, како што истакна Пендаровски би требало да заврши до крајот на декември оваа година, во јануари 2019 е предвидено Македонија да го потпише Протоколот за пристапување со право на учество во сите тела и органи на НАТО, но без можност да гласа, а приемот во полноправно членство ќе се случи откако земјите-членки ќе го ратификуваат тој Протокол за пристапување, секоја поединечно во своите национални парламенти. Во случајот со Македонија предвидено е Грција да биде првата земја членка која што ќе го ратификува овој протокол, откако земјата ќе го заврши својот дел од обврските од Договорот во Преспа.
На Црна Гора и беа потребни 18 месеци од поканата да ги започне пристапните разговори до влез во НАТО како членка. Земјата ги заврши пристапните разговори за речиси шест месеци, а на сите НАТО сојузници им требаа уште 12 месеци за да ги ратификуваат Протоколите за пристапување на Северноатлантскиот договор.
– Со добивањето на полноправно членство ќе се реализира нашата стратешка цел, а членството во НАТО ќе биде силна гаранција за стабилноста, сигурноста, неменливоста на границата и зачувување на територијалниот интегритет. Членството во НАТО е важен предуслов за економскиот развој, стимулирање на инвестициите, подобро платени работни места и просперитет, рече министерката Шекеринска.
Почетокот на претпристапните разговори се совпадна со расправата во Собранието за уставните измени, а Шекеринска истакна дека сега е момент сите пратеници да докажат дека се подготвени зборовите и ветувањата што претходно ги изнесувале во однос на тоа дека членството во НАТО е стратешка цел на земјата да ги претворат во дела.
– Сите политички партии се исправени пред историска шанса. Со притискање на копчето за, ќе учествуват во финалните чекори од 27 годишниот маратон за членство на нашата татковина во НАТО. Успехот на Македонија зависи од нивната одлука, истакна министерката Шекеринска.
Таа додаде дека е јасно оти одлуката што ќе ја донесе Собранието е одлука која де факто ќе пресуди дали Македонија ќе стане членка на НАТО во многу блиска иднина. Доколку тоа не се случи, додаде министерката за одбрана, и во опозицијата надвладеат партиски, а не државни интереси, тогаш се очекува Собранието во најбрз можен рок да распише предвремени парламентарни избори на кои, како што рече, „ќе го обезбедиме двотретинското мнозинство“.
– И во двете варијанти Македонија и нејзините стратешки цели мора да победат и немаме дилеми дека тоа ќе се случи, нагласи Шекеринска.
Министерот Димитров посочувајќи го значењето на влезот на Македонија во НАТО во однос на гаранција на безбедноста на државата, но и можноста за нејзиниот натамошен просперитет истакна дека со Договорот со Грција кој беше предуслов за одблокирање на процесот земјата да добие покана всушност се афирмира македонскиот идентитет.
– Ние си ја преземавме одговорноста, сега процесот е во Собранието на РМ, влогот е огромен, на една страна го имаме членството на НАТО најсилната одбранбена организација во светот, истовремено тоа е и економски клуб бидејќи членството носи многу економски бенефиции за нас,тоа е порака Македонија тука да остане во тие граници, нагласи Димитров.
Тој истакна оти неизвесноста доколку процесот не успее е и дали ќе има нова грчка влада што ќе сака да го отвори овој процес и на какви позиции ќе биде таа влада.
Генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг повеќе пати изминатиот период се обрати до земјава со порака дека нема план Б и оти имплементацијата на Договорот од Преспа е предуслов за влезот на земјата во НАТО.
Тој на почетокот на месецот за време на посетата на Србија порача дека земјата сега има можност што се случува еднаш во животот и дека може да стане членка на НАТО само ако го прифати Договорот со Грција.
– Цврсто верувам дека она што земјата треба да го направи сега е да донесе одлуки за натамошните чекори. На Владата и на Собранието е да ги донесат тие одлуки. Да решат како ќе одат напред, како да реагираат на референдумот и на сите политички импликации и последици што тој ги донесе, изјави Столтенберг за време на посетата на Србија.
Генералниот секретар на НАТО нагласи дека ако демократските институции во Скопје одлучат да го спроведат во целост договорот со Грција, тогаш НАТО е подготвено брзо да ја прифати Македонија како своја 30 членка.
Македонскиот Парламент во 1993 усвои резолуција за членство, во 1995 година Македонија се приклучи кон Програмата Партнерство за мир, Канцеларијата на НАТО беше отворена во 1997 година, кандидат станавме во 1999 година – патот беше долг. Македонија вложи многу напор на тој пат. Македонија е земја со најмногу МАП, рекордни 17 и 18-от е на пат.
Со одлуката на НАТО Самитот во Букурешт, НАТО уште во 2008 на констатира дека земјата технички е подготвена да влезе во НАТО, но влезот тогаш беше попречен поради грчкото вето заради нерешениот спор за името.