Ќе останат ли Македонците ем без пари, ем без бугарски пасош?
По аферата со издавањето на бугарски пасоши за која имаше апсење на инволвираните од Бугарија, па и од Србија, македонските посредници за бугарски пасоши, не се плашат дека ќе завршат во затвор или дека нивните клиенти ќе останат и без парите кои ги дале и без пасошот.
Уверуваат дека такво нешто нема да се случи. Велат дека издавањето на пасоши и како тоа се прави досега беше јавна тајна, но дури сега Бугарија презема мерки тој процес да го санкционира.
„Тие што фалсификувале документи треба да се плашат, а јас работам со вистински документи и не се плашам. За сумата која ја соопштија бугарските медиуми, од 5.000 евра, јас не познавам некој кој дал толку пари. Македонците, и Србите за бугарски пасош даваат нешто повеќе од 300 евра“, вели Даниел Д. посредник.
Друг посредник од Делчево смета дека како работите ќе се одвиваат ќе зависи од бугарските власти, но според него, оние кои имаат исправни документи, не би требало да останат без пасош.
„Проблем се јави затоа што има многу Албанци од Албанија и Косово кои аплицираат за бугарски државјанства, и властите во Бугарија мораа да „пресечат“, но за Македонците мислам дека нема да има некакви последици, нема да има никаков проблем“, вели посредник од Скопје.
Но, кај граѓаните постои сомнеж, затоа што чекаат со години и не се стопроцентно сигурни дека на крај ќе имаат бугарски пасош, за работа и слободно движење низ Европа.
„Не сум убедена дека ќе го добијам, се обидувам одамна, од 2012 година. Ниту тогаш не беше лесно, а камоли сега. Но, ако е крај со мојата процедура, ќе пишат дека сум одбиена. За оној кој ја врши услугата за добивање на пасош, се плаќа, и трошокот е некаде до 500 евра, но не се даваат тие пари од еднаш“, раскажува млада кумановка.
Други апликанти кои обезбедиле оригинал документи за бугарско потекло, велат дека до крајот на годинава треба да добијат бугарски пасош.
„Мојот син преку татко му треба да извади бугарски пасош, но ние имаме оригинал документи за бугарско потекло од прадедо и лично не се плашиме дека некаде пасошот ќе „заглави“. Проверивме пред некој ден и пишува дека е во процедура пасошот. Сопругот зема пасош во 2016 година, а син ми треба да земе во крајот на оваа година. За еден човек чини околу 500 евра“, додава Ф.Б.
Во Бугарија имаше апсења за издавање на пасоши на граѓани на Македонија, Украина, Молдавија, Албанија. Уапсени беа и четири посредници од српските градови, Пирот, Димитровград и Ќуприја. Во Бугарија имаше обвинувања за партијата ВМРО на министерот за одбрана, Красимир Каракачанов дека се финансирала од издавање на пасоши. Во март годинава францускиот медиум, nouvelobs пишуваше за тоа дека Бугарија „фабрикува“ лажни, но и опасни европски граѓани преку издавање на пасоши. Во текстот пишуваше дека освен Македонци, пасоши добиваат и Срби, Албанци, косовски граѓани и Молдавци.
faktor,mk