Сестринските партии со силни критики кон Мицкоски!

Начинот на кој се однесувате кон пратениците од партијата што гласаа за уставните измени е неприфатлив. Добро е што не го блокирате Собранието, ама не чини што одлично го газите патот кон изолација. Покажете дека навистина сте за ЕУ и за НАТО.

Ова се главните пораки што челниците на Европската народна партија (ЕПП) му ги пренесоа на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, предводено од претседателот Христијан Мицкоски, кое учествуваше на тридневниот конгрес во Хелсинки. Всушност, сиве овие денови во главниот град на Хелсинки сведочевме на една невообичаена ситуација во која главната опозициска партија во земјава беше претставувана од две фракции. Покрај официјалната партиска четворка, на средби со водачите на ЕПП беше и одметната пратеничка Емилија Александрова, потоа разрешениот заменик-генерален секретар Петар Богојески, како и исклучениот Никола Тодоров. Повик добија и другите разрешени пратеници и функционери, но од различни причини не се појавија во Хелсинки.

Надреално изгледаат сликите што стигаа оттаму, во кои, на пример, комесарот Јоханес Хан и кандидатот за претседател на Европската комисија, Манфред Вебер, се редат на средби со македонските политичари, кои подоцна, како доказ споделуваа фотографии. Александрова вели дека на средбите се разговарало за важноста и перспективата на Македонија кон ЕУ. Во таа насока ѝ било укажано дека ќе имаат поддршка пратениците кои се залагаат за влез на Македонија во ЕУ и во НАТО. Ексминистерот за здравство Никола Тодоров е поконкретен, па посочува дека била истакната и неопходноста од демократизација на партијата преку измена на Статутот со цел ВМРО-ДПМНЕ да продолжи да дејствува како европска, модерна центар-десна партија.

„Од страна на еврокомесарот беше потенцирано дека заканите и притисоците мора да запрат и беше изразена јасна поддршка за одлучните и храбри чекори кои се во правец на интеграција на Македонија во Европската Унија“, изјави Тодоров.

„Добра средба со македонските колеги Петар Богојески, Емилија Александрова, Никола Тодоров на самитот на ЕПП. Ја поздравувам нивната храброст за гласањето за договорот од Преспа. Сите закани против нив мора да престанат! Сите партии треба да работат за ЕУ-агендата, која ја сака поголемиот дел од граѓаните“, напиша по средбата еврокомесарот Хан на Твитер.

„Развластените“ во ВМРО-ДПМНЕ дојдоа во Хелсинки по лична покана од претседателот на ЕПП, Жозеф Дол, кој сакаше од прва рака да чуе што точно се случува во нивната сестринска партија во Македонија. Слушна дека раководството врши прогон врз сите што мислат поинаку, а како посебна грешка им се зема небојкотирањето на референдумот и уште „пострашното“, гласањето за уставните измени во Собранието. Заканите и санкциите што ги добија потоа воопшто не ѝ се допаднаа на Дорис Пак, претседател на Асоцијацијата на жени во ЕПП, која на својот профил твитна дека семејството на европските народни партии не смее да го толерира однесувањето на раководството на ВМРО-ДПМНЕ кон осумте пратеници кои гласаа за уставните измени, спротивно на ставот на партијата.

„Неприфатливо е осумте пратеници од ВМРО, кои гласаа за договорот со Грција и за европска иднина на земјата, сега да примаат закани и да се третираат како криминалци“, напиша Пак по средбата со Мицкоски.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан потенцира дека бил кристално јасен оти ратификацијата на договорот од Преспа мора да се финализира брзо и без никакви пречки.

„Ја поздравив заложбата на ВМРО-ДПМНЕ да не го опструира процесот во Собранието. За интеграции во ЕУ е потребна конструктивна опозиција“, ќе заклучи Хан.

Во белиот дворец набројуваат дека на маргините од конгресот, нивниот лидер се сретнал со Хорст Зехофер (вицеканцелар на Германија и претседател на ЦСУ), Антонио Тајани (претседател на Европскиот парламент), премиерите на Хрватска и на Унгарија (Андреј Пленковиќ и Виктор Орбан), Хавиер Хуртадо Мира (претседател на Демократската заедница на млади на Европа)… На средбите било посочено дека членството на Македонија во ЕУ претставува стратегиски интерес за ВМРО-ДПМНЕ, а соговорниците ги информирал и за политичкиот прогон и злоупотребата на правосудството против ВМРО-ДПМНЕ.

Translate »