Банкарите бараат одложување на оданочување на каматите од депозитите до влез во ЕУ
Да се одложи оданочувањето на каматите на депозитите на граѓани најавено за од 2020 година, до влезот на земјата во ЕУ бара Македонската банкарска асоцијација, пренесе МИА.
Македонската банкарска асоцијација вчера одржа седница на Собрането на која ги разгледа предложените законски измени што се однесуваат на оданочување на доходот од камати на депозити на граѓаните.
-Ставот на Македонската банкарска асоцијација е дека нивната примена треба да се одложи до влез на нашата земја во Европската унија, со цел да се задржи позитивниот тренд на штедењето, да се обезбеди свеж капитал за стопанството, како и да се одржи стабилноста на банкарскиот сектор, информираат од МБА.
Како што се наведува, во однос на воведувањето прогресивно одданочување, ценат дека е потребна поширока расправа заради унапредување на предлогот со вклучување на позитивни искуства од земјите каде веќе е во примена.
Македонската банкарска асоцијација најавува дека ќе побара средба во Министерството за финансии за подетално да ги презентира своите ставови.
Според предложеното законско решение од Министерството за финансии каматите од депозитите треба да се оданочуваат од 2020 година со стапка од 15 проценти, но на износот над 15.000 денари.