СЈО ги претресува сите фирми на бизнисменот Орце Камчев
Обвинители од Специјалното јавно обвинителство утринава во 6 часот влегле во сите фирми на бизнисменот Орце Камчев, потврдија неофицијално од СЈО за Radar.mk.
СЈО врши претрес во седиштето на „Орка холдинг“ и во други фирми надвор од Скопје, врз основа на судска наредба. Акцијата е со асистенција на Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција на МВР, велат неофицијално од СЈО, но не кажуваат за какви сомневања станува збор, односно какви кривични дела истражуваат со инспекторите од организиран криминал од МВР.
Нема информации во моментов додека трае претресот ни дали се врши заплена, а ни дали е некој уапсен.
На 29 август 2016 Камчев дојде на распит во СЈО, но Обвинителството тогаш не кажа во кое својство и за кој случај е повикан.
Камчев до февруари 2017 година беше еден од сопствениците на МПМ, пропаднатата медиумска компанија, која е предмет на истрага на СЈО како најголемиот донатор на изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2013, со 252.843 евра.
Неговото име беше поврзувано и со оф-шор фирмата „Ексико“, една од најуспешните компании во земјава со непознат сопственик, која беше регистрирана на иста адреса во Олбани, САД со фирмата „Финзи“, чиј директор Коста Крпач се самоуби, а беше сведок на СЈО и меѓу 56-те аболицирани од претседателот Ѓорге Иванов за криминали произлезени од прислушуваните материјали.
Реномираниот економски магазин „Форбс“ во 2016 го прогласи Камчев за најбогат Македонец. Според „Форбс“, Камчев кој тогаш имаше 46 години беше еден од најмладите на листата на најбогатите, но и еден од ретките кој во 2015 го зголемил богатството.