Вардар во пеколниот „Јане Сандански“ ја пречекува Барселона

Денеска со почеток од 17 часот Вардар игра против Барселона во преполниот „Јане Сандански“ кој веќе одамна е распродаден, вистински ракометен спектакл и битка за првата позиција во групата.

На Барселона денеска нема да и биде лесно во Скопје, Вардар на крилјата на публиката која со големо нетрпение го очекува овој меч, ќе се обиде уште еднаш да му го земе скалпот на каталонскиот гигант.
И покрај сите промени во составот Вардар има одличен почеток на новата сезона во Лигата на шампионите, веќе нанижа пет победи, има само еден пораз од гостувањето кај Кјелце. Ист е скорот и на Барселона, па вечерашниот меч ќе биде борба за првото место во моментов.
Дуелот со Барселона несомнено ќе биде уште еден тест за овој состав на Вардар, кој во првите натпревари покажа дека има квалитет и амбиции за нов фајнл-фор, сега ракометарите треба уште еднаш да го потврдат тоа.
Ова ќе биде и дуел на најдобрата одбрана во Лигата на шампионите која ја има Вардар, и најдобриот напад кој го има Барселона.
Вардар во Скопје има една победа против Барселона, лани кога Каталонците си заминаа со пораз од 27:24. Барса по лошо ги памети црвено-црните и од фајнл-фор турнирот на кој македонскиот тим стана шампион на Европа, тогаш со голот на Циндриќ во последните секунди ги разочаравме.
„Барселона е одличен тим, сите го очекуваат овој натпревар, знаеме дека салата ќе биде полна, чекаме одлична атмосфера и сигурно, ќе биде многу тежок натпревар за нас. Барселона има еден од најдобриот тимови во Европа, во последните години играа добро, се обидуваа да стигнат до Ф4, а оваа година мислам дека играат подобро од претходните две сезони. Ќе мора да одиграме добар натпревар од почетокот до крајот, ако сакаме да имаме опција да освоиме два бода“,вели тренерот Парондо.
Сите очекуваат неизвесна битка и фантастична атмосфера на трибините, а убаво би било големиот противник уште еднаш да си замине од „Јане Сандански“ со наведната глава.
Translate »