Кој е Јордан Камчев – како растеше „Империјата“ која ја истражува СЈО
Почна на 20 години како газда на „Орка Спорт“, за после дваесет да стане најбогатиот Македонец кој ни сам не може да си го измери богатството. Форбс го процени на 23 милиони евра, но вреди далеку повеќе. Како растеше империјата на Јордан Камчев сега истражува Специјалното јавно обвинителство, додека најбогатиот Македонец и неговите најблиски соработници се во притвор.
Осомничени за злосторничко здружување, перење пари, измами. Истрагата треба да ги поврзе сите бизниси на Камчев и неговите оф-шор шеми во периодот од 2002 до 2013 година.
Кој е и колку тежи Орце Камчев?! Во последното интервју пред камера, во емисијата на ТВ 24 „Патот до успехот“ пред 4 години Камчев вели – рано е, сеуште не сум милјардер.
Политичкиот дрес го менува по потреба – како што се менува власта во Македонија. Ако СДСМ му е во срцето и во 1994 година дури е кандидат за пратеник на СДСМ, не се заборава ни потерницата по него од 2005 година за економски криминал, бегството од државата и договореното враќање во земјава без да лежи ниту еден ден притвор, за потоа да добие ослободителна пресуда.
Империјата Камчеви се градеше со години, низ многу контроверзии, за последната деценија да го достигне врвот. Иако јавна тајна беше дека зад секоја „инвестиција“ на Камчев стои неговиот близок пријател екс – шефот на УБК, Сашо Мијалков, Камчев негира.
За неодамна пак во последното пишано интервју Камчев да рече – „Заев е најхрабриот премиер и јас лично би потпишал таков договор со Грција“. За многумина обид да се испере со промена на дресот.
„Ниту ќе имаме подобра шанса, ниту дека сме имале похрабар лидер од премиерот Заев. Јас лично сум ЗА договорот со Грција, како и бев ЗА Договорот со Бугарија. Јас сум европски и светски човек и сакам Македонија да биде дел од таа структура. Сакам да живеам во Република Македонија различна од таа што е денеска, сакам да бидеме членка на НАТО и ќе направам се што е во моја можност“ – изјави Камчев за Фактор.
Последните 10 години империјата Камчев растеше со полн интензитет. Во очите на јавноста Камчев ја купи половина Македонија. Земјоделство, медицина, хотели, банки, текстил, медиуми. Немаше сектор каде Камчев немаше вмешано прсти и не беше дел од сопствеништвото.
„Аџибадем Систина“, „Сушико“, „Жито- полог“, ЗИК „Пелагонија“, „Стопанска банка-Битола“, тетовски „Жито Полог“, млекарница „Здравје Радово“, „Бетон-Штип“, хотелите „Мериот“ и „Ибис“, „Монт“, „Кара“ пропаднатите „Веибо груп“ и медиумската империја „Медиа Принт Македонија“ се само дел од спосокот „инвестиции“. Неговата фирма „Орка Холдинг“ се поврзуваше и со аферата плацеви на Водно, како и со плацот за висококатницата во Аеродром.
Тепачки, пукања, палење на џип и други контроверзии изминатиот период беа дел од името на Камчев. За во 2016 година за првпат да се појави и во Специјалното јавно обвинителство, а само пред неколку денови СЈО да влезе во неговата империја.
Покрај Камчев во притвор се и Ненад Јосифовик негов близок соработник, Тодор Мирчевски директор на контроверзната „Ексико“, Цветан Панделески, директор на ЗИК „Пелагонија“ и Зорица Арсовска, сметководител во фирмите на Камчев. Меѓу осомничените се и Сашо Мијалков, како и сестрата и мајката на Камчев.
Соседна Бугарија го побара Камчев за почесен конзул во земјата.