Кој е одговорен за бегството на Груевски?

Откако полицијата распиша национална потерница и почна да спроведува акции за пронаоѓање на поранешниот премиер Никола Груевски, кој е осуден на две години затвор за случајот „Тенк“, тој се огласи на својот Фејсбук профил во кој вели дека е во Унгарија, каде што побарал политички азил од тамошните власти и истакна дека секогаш ќе остане верен на каузата на Македонија.

Информацијата дека Груевски е во Будимпешта вчеравечер ја потврдија министерствата за внатрешни и за надворешни работи, а МВР распиша и меѓународна потерница.

Како излегол од државата кога двата пасоши, приватниот и дипломатскиот му се во судот треба да објаснат институциите во Македонија, кои се надлежни за негово постапување. Јавноста се интересира и зошто до сега не беше одредена мерка притвор што би спречило негово бегство, со оглед на тоа што против него има повеќе обвиненија.

Каде е потфрлувањето, институциите едни на други си ја префрлаат топката за тоа каде е направен пропуст околу бегството на Груевски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера топката ја префрли на судството, судот ја префрла на СЈО, а оттаму пак се уште немаат коментар.

Спасовски истакна дека по Груевски се трагало на неколку локации, се спроведувале други мерки, како прегледи на возила, а зајакнато било присуство на излезот од Скопје и на граничните премини.

За тоа што Груевски во моментов е бегалец смета дека одговорноста треба да ја преземат оние што одредуваат мерка притвор.

–Размислувам во однос на одговорноста на оние на кои им одредуваат притвор на лицата за кои постои опасност да избегаат.  Ги пуштаат слободно да се движат низ државата, слободно да ги обавуваат сите работи кои ги обавуваат и на крај кога се носи пресудата тие не се во притвор за да можат да бидат обезбедни, иако се со повеќе кривични дела. Притвор се одредува за случаи на разбојништво и тешки кражби, а за потешки случаи не се одредува. Полицијата работи исклучиво по наредбите кои ги издава судот и таа без наредба не може да следи кого било и постојано да биде присутна со него, околу него само заради тоа што се води судска постапка против него, рече Спасовски.

Истакна не е законски полицијата да следи такви лица. -Спротивно на законот е ако продолжиме да следиме како што следеа порано, тогаш ќе имаме сериозен проблем. Следењето треба да биде врз основа на закон, рече Спасовски и додаде дека во однос на можноста за распишување меѓународна потерница тоа е работа на судот.

Од своја страна, пак претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев топката за неопределување мерка притвор за Груевски ја префрли кај Специјалното јавно обвинителство кое, според него, во случајот „Тенк“ од самиот почеток на подигање на обвинението до соопштување на одлуката од страна на Обвинителството, во ниту еден момент не е побарана мерка притвор за Груевски.

Појасни дека е точно дека МВР постапува согласно наредбите и решенијата коишто ги носи Судот,  но потенцира дека не треба да се заборави дека полицијата постапува и согласно наредби коишто се даваат од страна на Обвинителството, како и самоиницијативно кога станува збор за сузбивање на криминал или спречување некое лице без пасош да ја напушти нелегално државата.

Џолев рече дека во оној момент кога надлежните органи ќе утврдат дека обвинетиот не се наоѓа во земјата или ја потврдат автентичноста на информацијата дека истиот се наоѓа во Будимпешта и за тоа го извести судијата за извршување санкции, судијата веднаш ќе издаде наредба за распишување на меѓународна потерница.

СЈО во моментов нема коментар за тоа зошто Груевски не е притворен. Специјалното јавно обвинителство сепак за случајот „Титаник“ побарало притвор за Никола Груевски, но Судот одлучил мерка одземање пасош.

Пасошот му е одземен на 3 јули 2017 година со одлука на Кривичен, а на барање на СЈО, а мерката претпазливот ја потврди и Апелацискиот суд на 23 јули и тој еднаш месечно требаше да се јавува во Кривичен суд.

Од Министерство за правда за МИА информираа дека доколку биде официјално потврдено дека Груевски избегал, Министерството за правда ќе достави барање за екстрадиција откако ќе добие известување од МВР каде е лоциран и дека за него има распишана меѓународна потерница.

Премиерот Зоран Заев изјави дека власта нема намера да се меша во правосудниот систем  и дека полицијата немала никакво право без  упатен акт да ја попречи слободата на Груевски, ниту да му се доближи, да го следи или нешто да применува.

-За тоа мора да постојат судски наредби, напомена Заев на прашањето во кого ја лоцира одговорноста за тоа што Груевски се уште не е најден.

Во меѓувреме Министерството за надворешни работи соопшти дека согласно своите надлежности и во координација со надлежните институции во земјава постапува со цел да се верифицира информацијата во врска со објавата на Фејсбук профилот на поранешниот премиер Никола Груевски.  Во МНР беше повикан амбасадорот на Република Унгарија во Скопје, Ласло Дукс, на средба кај државниот секретар Виктор Димовски, со цел проверка на информацијата и по дипломатски канали дека поранешниот премиер Никола Груевски пребегал во Будимпешта и побарал азил во Унгарија, информираа од МНР и додадоа декаведнаш по средбата потврда за веродостојноста на информацијата е добиена преку Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.

Партијата на власт се огласи со соопштение каде наведуваат дека Груевски го допрел дното и дека паднал на најниско можно ниво. – Со кукавичкото бегство, лажниот патриот, криминалецот Груевски покажа дека останува верен на казуата на криминалот што со години го приредуваше, истакнуваат од СДСМ.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, вчера попладне изјави дека не знае каде се наоѓа поранешниот премиер и почесен претседател на партијата Никола Груевски и оти немаат информации дека е во Унгарија, како што беше објавено на Фејсбук профилот на Груевски.

Поранешниот премиер, Никола Груевски го обезбедуваа шестмина припадници на Шестата управа, што е согласно Законот за дополнување на Законот за Влада и Уредбата за личностите и објектите, што се обезбедуваат, видовите на мерки и степените на обезбедување.

Сепак шестмината полициски службеници не се 24-часовно ангажирани за неговото обезбедување, односни работните задачи ги извршуваат во зависност од потребите на личноста.

Спасовски вчера како дезинформации ги оцени тврдењата дека Груевски со недели го чувале пред неговиот стан.

-Груевски до вчера до 16:30 часот, додека Судот ја издаде наредбата и потерницата беше слободен. Тој има лично обезбедување, кое го користи на повик, но тоа не е обезбедување кое 24 часа е со него пред станот или кај и да се движи. Дваесет и четиричасовното обезбедување кое го има лично го користи на негов повик и последен пат неговото обезбедување го оставило дома на 8 ноември, некаде околу 23 часот, според изјавите на припадниците на обезбедувањето, истакна министерот за внатрешни работи.

После огласувањето на Никола Груевски на Фејсбук, Твитер заедницата “експлодираше”!

Translate »