Груевски со службено возило на унгарската амбасада преминал преку Албанија
Албанската полиција потврди дека лицето Никола Груевски на 11 ноември околу 19.11 часот ја напуштил територијата на Албанија преку граничниот премин Хани и Хотит-Божак со Црна Гора како патник во возило на унгарската амбасада во Тирана, објави албанската телевизија „Топ Ченел”.
Понатаму во соопштението се вели дека на 11 ноември немало меѓународна потерница по лицето Никола Груевски. Канцеларијата на Интерпол од Скопје испратила известување до Интерпол во Тирана дека се бара Груевски на 13 ноември.
Од албанската полиција не кажаа кога и како влегол Груевски во Албанија.
Во Албанија и во Црна Гора македонските граѓани можат да влегуваат само со лична карта.
Експремиерот Груевски на 9 ноември требаше да се пријави во затворот во Шутка на издржување на двегодишна затворска казна за „Тенк”.