Груевски си ги подигнал парите од шестте банки пред да избега
Поранешниот премиер Никола Груевски си ги собрал 200-те илјади евра што ги имал на свое име како официјално пријавени на банкарските сметки пред да избега во Унгарија за да не ја издржува двегодишната затворска казна во Шутка, објави „Независен“.
Бегалецот, кој во моментов бара азил во Унгарија, уште во септември си ги подигнал парите од сите свои банкарски сметки кога му станало јасно дека ќе мора да оди в затвор за случајот „Тенк“.
Пред неколку месеци СЈО ги проверувало банкарските сметки на поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ и истражувале колку сметки поседуваат во деловните банки во Македонија. Според овие објавени информации, освен личните сметки, СЈО ги проверувало и сметките на роднините на поранешниот премиер, но и на неговиот братучед Сашо Мијалков, кој беше прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање. Се проверувале приливите, плаќањата, но и потеклото на парите што легнале на сметките. Главната обвинителка на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, на една од своите прес-конференции соопшти дека Груевски поседува 35 банкарски сметки во шест деловни банки. Според податоците што тогаш ги објави, на 20 денарски сметки имало речиси 10 милиони денари, а на 14 девизни сметки поседувал над 42 илјади евра.
Специјалното јавно обвинителство официјално потврди дека по неговото бегство нема што да замрзнат бидејќи Груевски во моментов нема пари и имот на свое име, а неговите банкарски сметки се на нула.
Во моментов нема објаснување дали се следеле неговите сметки, па во моментот кога Груевски ги испразнил да се дојде до заклучок дека тој подготвува бегство.