СЈО поднесе две нови обвиненија во случајот ,,Талир,,
Специјалното јавно обвинителство поднесе две обвиненија за случајот „Талир“. Едното се однесува за незаконско финансирање на ВМРО – ДПМНЕ, а другото на незаконска изградба на седиштето на партијата.
Истрагата отворена во јуни за случајот „Талир“ на Специјалното јавно обвинителство денеска оформена во две обвиненија. Едното е незаконско финансирање на партијата ВМРО ДПМНЕ. Во него опфатени се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Леко Ристоски и Елизабета Чангароска.
СЈО ги товари за злоупотреба на службена положба и перење пари. Како правно лице обвинета е и партијата ВМРО ДПМНЕ за перење пари. Никола Груевски според обвинението од 2009 до 2015 спротивно на законите за финансирање политички партии и спречување корупција обезбедувал пари од анонимни извори за финансирање на ВМРО ДПМНЕ. Му помагале Божиновски и Јанакиески кои вршеле притисок врз претставници на фирми кои имале договори за јавни набавки со државни органи и претпријатија, да обезбедат пари во готово за потребите на тогашната партија на власт.
Вака обезбедените финансиски средства во готовина, обвинетиот Никола Груевски не ги вратил на лицата од кои средствата доаѓале, односно не ги упатил во Буџетот на Р. Македонија, како што имал обврска да стори согласно Законот за финансирање на политички партии, со што прибавил незаконски средства за финансирање на политичката партија ВМРО ДПМНЕ во износ од најмалку 4.608.661 евра.
Груевски и Божиновски а подоцна приклучувајќи им се и Јанакиески и Чингароскa со цел да го прикријат криминалот, организирале уплата на парите во готово преку уплатници во кои биле внесени лажни податоци, а подоцна Димовски и Ристоски потпишувале налози за купување на недвижен имот на ВМРО ДПМНЕ.
Второто обвинение е против Груевски и Божиновски кои злоупотребувајќи ја службената положба овозможиле АДБетон да го изгради седиштето на партијата, иако во тоа време фирмата ималa активни договори со државни органи. АД Бетон во 2011-2012 било зависно од ВМРО ДПМНЕ и нејзините функционери кои биле на чело на државни органи и претпријатија од кои добивало приход во најголем дел.
И покрај тоа што за правното лице Бетон АД Скопје важеле ограничувањата од Законот за финансирање на политички партии, сепак обвинетите договориле несразмерна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во однос на обврските кои ги имало правното лице Бетон АД Скопје, овозможувајќи му да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ кое имало инвестициска вредност од 6.906.231евра, како и да уплати на жиро сметката на партијата износ од 2.155.668 евра, иако вложувањата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ изнесувале само 815.323 евра.
На овој начин обвинетите според СЈО испрале над 8 милиони евра. И за двете обвиненија СЈО бара притвор за екс премиерот Груевски кој веќе е во бегство и доби азил во Унгарија. Имотот на партијата е замрзнат токму поради сомненија за сторени кривични дела во овие две обвиненија.