Во Кина се родија првите генетски модифицирани бебиња
Според кинески научник, првпат во светот се родени бебиња по генетска модификација. Двете девојчиња се резистентни на ХИВ. Етичарите реагираат со жестока критика.Според кинески научник, првпат во светот се родени бебиња по генетска манипулација. Двете девојчиња се резистентни на ХИВ. Етичарите реагираат со жестока критика.
„Двете прекрасни малечки кинески девојчиња со имиња Лулу и Нана пред неколку недели дојдоа на свет исто како и сите други здрави бебиња“, изјави научникот Хе Јианкуи на видео споделено преку Јутјуб.
Кај двете бебиња, во фазата на ембриони бил преземен нов зафат Crispr/Cas9 со цел тие да станат резистентни на ХИВ вирус. Досега не се објавени научно проверени студии за зафатот, туку тој е само регистриран во кинески регистар за клинички тестови. Научникот наводно за својата метода имал согласност од повеќе кинески брачни двојки од кои мажот бил ХИВ-позитивен. Ембрионите настанале по пат на вештачко оплодување, а научникот извршил промена во наследниот материјал.
Веднаш стигна остра критика на кинескиот медицинар. „Ова претставува неодговорно експериментирање со луѓе“, изјави Петер Даброк, претседател на Германскиот етички совет. „Дали е точно она што го тврди Хе или не, во сегашниот момент вакви експерименти, па и нивна најава, треба остро да се осудат“.
Неподелено мислење е дека истражувањата во оваа сфера се уште многу далеку за да можат да се применуваат кај луѓе. „Придружните и подоцнежни последици се непредвидливи и тешки за контролирање. Зафатите во ДНК на некој поединец не го засегаат само него, туку потенцијално и сите негови потомци. А ова се случува токму кога во Хонг Конг се одржува светски научен самит посветен на одговорно однесување при истражувањата“, истакнува Даброк. Тој инсистира политиката на глобално ниво што поскоро да се зафати со оваа тема. „Со оглед на ваквите интенции, потребно е да се размисли околу создавање служба која ќе врши контрола, аналогно на Меѓународната организација за атомска енергија“, вели Даброк.