На 8 декември, во 1991 година Црвена Ѕвезда стана светски првак
На 8 декември, во далечната 1991 година, тогашниот југословенски и европски првак, екипата на Црвена Ѕвезда ја освои титулата на Светското клупско фудбалско првенство откако во Токио го совлада чилеанскиот Коло Коло со 3-0.
Во тој тим на црвено-белите настапуваа и двете македонски фудбалски легенди Дарко Панчев и Илија Најдоски. И тоа и двајцата имаа значајна улога, затоа што Панчев го постигна третиот гол во мрежата на Даниел Морон, а Најдоски беше капитен на тимот, откако Дејан Савичевиќ беше исклучен во првото полувреме и го подигна шампионскиот пехар. „Кобрата“ успеа да стрела во 72. минута, откако претходно Владимир Југовиќ ја доведе Звезда во водство од 2-0 со погодоците во 19. и 58. минута.
Тимот кој пред 27 години истрча на Националниот стадион во Јапонија се разликуваше од шампионската генерација во Бари, затоа што од периодот на шампионскиот пехар во Европскиот куп, до настапот на клупското СП од Црвена Ѕвезда си заминаа Стеван Стојановиќ, Драгиша Биниќ, Роберт Просинечки, Рефик Шабаноџовиќ и Слободан Маровиќ. Исто така, од тимот си замина и тренерот Љупко Петровиќ, а предводник беше Владица Поповиќ.
Со титулата во Токио „црвено-белите“ ја заокружија најуспешната година во историјата на југословенскиот спорт бидејќи истата година Ѕвезда ја освои титулата во Купот на европските шампионите (КЕШ), европски клупски првак во кошарка стана Југопластика, а југословенската кошаркарска репрезентација триумфира на Европското првенство кое се одигра во Италија.
Екипата на Црвена Ѕвезда по 1991 година немаше третман како што заслужува, односно како светски шампион, затоа што на територијата на Југославија започнаа војни, а Обединетите нации (ОН) тргнаа со санкциите. Поради немилите настани на Балканот, белградскиот колектив беше приморан во новата сезона своите мечеви да ги игра во Софија.
гол.мк