Се откри кој го фотографираше Груевски во Будимпешта

Унгарски „Индекс“ го објави  авторот на оригиналната фотографија од уловената  прошетка на поранешниот македонски премиер-бегалец и  азилант  Никола Груевски низ улиците на Будимпешта.

Британски новинар Даниел Нолан го фотографирал Груевски во близина на култна пивница во унгарската престолнина.

– Го фатив жив! Пребеганиот екс-македонски премиер забележан во Будимпешта – напиша британскиот новинар заедно со објавената фотографија на Твитер.

Истата масовно се споделуваше синоќа на социјалните мрежи во Македонија, со дилема дали тоа навистина е Груевски, а најинтересни беа коментарите дека според стилот на облекување кадарот е автентичен.

Ова е прва фотографија од осуденикот азилант Груевски  по неговото бегство и добивањето азил во Унгарија пред отслужување на двегодишната затворска казна.

На фотографијата зад него стои  и човек што многу личи на Александар Трајковски, член на ВМРО-ДПМНЕ, инволвиран во случајот „Шамарите“ од Центар.

Translate »