Кон каков тип на туризам треба да се фокусираме?
Македонија за да има високи приходи од туризмот треба да одлучи каков туризам ќе развива. Во определбата за масовен, елитен, алтернативен или рурален и еколошки, треба да се имаат предвид предностите кои ги дава земјата. Ова денеска на Форум за стратешки развој на туризмот и ефектите на државната политика за подобрување на бизнис климата во Македонија одржан во Стопанската комора, на македонските туристички работници им го сугерираа нивните колеги од Црна Гора и од Словенија.
Падна и предлог Македонија да не копира други туку да се фокусира, на пример, на гастрономијата и промоција на традиционалната храна и планинскиот туризам.
– Црна Гора се определи за елитниот туризам и инвестиции во хотели од високи четири и пет ѕвездички преку привлекување на странски брендови и се покажа како многу добро бидејќи изминатите години се остварија високи приходи од туризмот. Инвестициите сега ги селиме и на планинскиот туризам – рече Лука Булатовиќ, сопственик на црногорската туристичката агенција „Експлорер“.
Тој смета дека земјите од Балканот не се подготвени да опслужат масовен туризам, но можат да привлекуваат туристи од САД, Кина и голем број други земји со заедничка туристичка понуда.
– Ние веќе тоа го направивме со Србија и со Босна и Херцеговина, а еве сега можеме тоа да го направиме и со Македонија – рече Булатовиќ.
Тој предлага Македонија да не копира други туку да се фокусира, на пример, на гастрономијата која треба да ја брендира преку привлекување на познат бренд ресторан и Скопје да го развива како конгресен центар.
– Македонија има потенцијал и за развој на јавно-приватно партнерство во националните паркови каде што може овие природни добра да ги даде на управување на приватен капитал кој ќе го развие туризмот, но ќе треба да го поседува на подолг рок за да може да има корист од инвестицијата како за него така и за државата – додава тој.
Словенечкото искуство, пак, со развојот на туризмот е сосема поинакво од црногорското. Таму се нуди Словенија како зелена дестинација.
– Ние не градиме хотели, туку кампови во кои туристите се поврзани со природата. Се преферира активен туризам и здрав туризам. Така имаме подобра искористеност на природата – вели Нико Славнич, кој е член на централноевропската асоцијација за менаџмент CEEMAN (East European Management Development Association).
Тој смета дека иновативноста треба да биде основа и во овој сектор во што треба да бидат активирани и граѓаните.
Македонските институци, пак, сѐ уште не се определиле на кој туризам да стават акцент. Напоредно се работи на две стратегии, едната краткорочна до 2020 година и втората долгорочна до 2030 година која се работи со Светска банка и треба да ги определи кратките, средните и подолгите рокови за развој на одделни сегменти од туризмот.
– Моментно работиме на подготовка на 20-тина мерки за развој на масовниот туризам но во план се и изготвување стратешки анализи за развој на одделни сегменти како онаа што веќе е во функција за спелеологијата, но не ги забораваме ниту алтернативниот туризам, руралниот, еко-туризмот. Имаме можности туризмот како гранка да придонесува не само со 1,6 или 2,6 отсто во домашниот бруто производ (БДП), туку со над 5 отсто или 10 отсто во подалечна иднина – рече Зоран Павловски, државен секретар во Министерството за економија.
Во текот на следната година, Македонија се отвора како туристичка дестинација и за туристите од Романија од Германија и од Шпанија, најави директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски.
– Но не запираме тука. Наредната година ќе го зголемиме бројот на туристи од Турција, но и ќе го зголемиме нивниот престој во земјава. Тоа го покажа и последниот саем во Измир – рече Јаневски.
Тој предлага да се направи стратегија со брзи, средни и долги рокови
на реализација и роковите да се запазат за да се даде целосен придонес
во развојот на секторот.
На Форумот присуствуваа претставници на бизнис заедницата, владини
претставници, како и домашни експерти кои споделија свои искуства со
предлози за развивање на секторот за туризам и угостителство, како и за
усогласеност на компаниите со законската регулатива во Република
Македонија.
Форумот кој Стопанската комора на Македонија го организира заедно со другите партнери на Проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ треба да ги поттикне клучните реформи во секторот туризам и угостителство.