Тимоние: Не постои резервен план за Преспанскиот договор!

Впечатокот е дека процесот за имплементација на Договорот од Преспа во Македонија е завршен. Останува процесот да се доведе до крај во грчкиот Парламент. Не постои резервен план за Преспанскиот договор освен да се најдеме во состојбата на блокада во која сме биле досега и која многу скапо ја чинеше Македонија, вели во интервву за МИА францускиот амбасадор Кристиан Тимоние.

-Мислам дека не треба да се ставаме во таква хипотеза, затоа што, според мене, не постои резервен план освен да се најдеме во состојбата на блокада во која сме биле досега и која многу скапо ја чинеше Македонија, но која ништо не ја чинеше грчката страна, која, пак, си ги има сопствените внатрешни проблеми. Тоа би бил особено голем проблем за Македонија. Животот продолжува, но може да продолжи на подобар начин со маршрута што е веќе обележана, за која ќе биде потребно време. Другата алтернатива е да се остане парализиран на патот кон ЕУ. Тоа е најголемиот ризик. Но, ние не сакаме да размислуваме за таа теза, затоа што храбри чекори беа направени од страна на премиерите на двете земји и се надеваме дека и двете собранија ќе успеат да го доловат историскиот момент, вели Тимоние запраша што доколку Договорот не помине во грчкиот Парламент.

Во однос на реформите, тој е дециден дека тоа е сериозен процес кој бара инклузивност и функционален Парламент кој би функционирал на ниво на еден европски Парламент, во кој постои свесност и обединетост околу државниот интерес што ќе доведе до обединетост и во општеството при спроведувањето на реформите

-Патот е јасен и обележан. Станува збор за амбициозна агенда и сега ќе треба ефективно сите да се мобилизираат во институциите околу оваа тема. Претстои огромна работа која што ќе треба да се спроведе. Општеството треба да биде обединето во спроведувањето на реформите, а не да се задоволи едноставно само со штиклирање на соодветното поле во еден формулар. И реално ќе треба правдата конечно да почне да работи во друго опкружување и одредени институции што се од витално значење како Комисијата за борба против корупцијата да биде заснована и почитувана, а не само да служи како цвеќе за декор. Одблизу ќе следиме како се однесуваат и едните и другите, затоа што промените не треба да бидат само замена туку промена што ќе донесе вистинска трансформација. Ништо не може да биде полошо отколку сликата дека станува збор само за „замена на боите“, туку ќе треба структурна длабока промена, промена во однесувањето. Очекувањата се големи, затоа сметам дека во јуни следната година токму овие работи ќе бидат вреднувани – до каде сме со помирувањето во државата, кој е политичкиот праг во земјата, но и кои се однесуваањата, особено во економската област. Работата е во ваши раце, вели Тимоние.

Францускиот дипломат се осврнува и на актуелната состојба во Франција со протестите на Жолтите елеци“ и одговорот на шефот на државата Емануел Макрон.

-Не станува збор за мала криза или револт. Низ историјата на Франција сме имале такви настани, но сега станува збор за вистинкска трансформација на нашето општество и токму заради тоа беше и избран нашиот Претседател. Но тој можеби се соочил со најтврдото јадро и не ќе може тоа јадро да го разводни сам, туку ќе мора тоа да го направи заедно со целокупното општество, вели Тимоние.

Според него, со пакетот мерки, беше даден моментален одговор на одредено барање со економски ефект кој што брзо ќе стапи во сила, но, додава, тој отвори и размислувања односно вистинска дебата за целокупното француско општество која ќе биде отворена во наредните три месеци во која ќе учествуваат и „жолтите елеци“ и синдикатите и политичките партии за да размислуваат за големата трансформација заради која тој беше избран за претседател на Франција.

-Тој беше избран како резултат на желбата да се стави крај на владеењето на класичните партии, на кои им беше тешко да ги спроведуваат реформите. Знаеме колку е тешко да се реформира општеството, колку е тешко од зборови да се премине на дела. Сега станува збор за едно јавно размислување, особено за еколошката транзиција која што има одредена цена, а таа цена беше долго време потценета кај широките народни маси или кај средната класа во општетство. Кои ќе бидат можните компензации за од една страна да се реализира таа трансформација која што е од витално значење за иднината на нашата држава и иднината на нашата планета, посочува Тимоние.

Следи целосното интервју на амбасадорот Тимоние за МИА. http://lokalno.mk/timonie-ne-postoi-rezerven-plan-za-dogovorot-od-prespa-alternativata-e-da-se-ostane-paraliziran-na-patot-kon-eu/

Translate »