Кој ги прави, а кој ги добива највредните тендери во Македонија?
Кој ги распишува, а кој ги добива најмрсните тендери во земјава? Набавката на гас е најголема бизнис зделка, па по неа следува снабудвањето со гориво на автобусите на ЈСП. Најголеми државни бизниси се загревање и превоз на скопјани, оправки на државни патишта, набавки за државна видео лотарија, ископ на јаглен го РЕК Битола, набавки на столбови за електродистрибутивната мрежа и на крај набавки на одреден вид лекови
Најголемите десет тендери во Македонија распишани годинава вредат 88,1 милиони евра. Доделени се 8 тендери, а најголемиот тендер го распиша приватна компанија со јавна дејност, а го доби друга приватна компанија. Најголемиот државен тендер го распиша ЈСП Скопје, а го доби „Пуцко Петрол“. Двата тендери на Јавното претпријатие за државни патишта кои се однесуваат на поправки и рехабилитација на државни патишта не беа доделени. Меѓу најголемите десет „тендер-мејкери“ има само едно министерство, две приватни компании со јавни овластувања и три јавни претпријатија и две државни акционерски друштва.
Доделени тендерски работи вредни 67 милиони евра
Приватната компанија што го грее Скопје „Балкан енерџи производство на топлина“ го распиша и го додели најголемиот тендер во Македонија оваа година. Станува збор за набавка на 86 милиони нормални метри кубни гас за потребите за загревање на скопјани. Тендерот го доби приватната комбинирана когенеративна централа за производство на топлина и струја „ТЕ-ТО“, а тендерот е вреден 19,24 милиони евра. „ТЕ-ТО“ е компанијата што во последно време е актуелна заради судскиот спор со акционерот „Топлификација“ која падна во стечај. Овој тендер уште еднаш го потврдува стратешкото значење на „ТЕ-ТО“ за затоплување на скопјани и за пазарот на електрична енергија во Република Македонија. Воедно е доказ за погрешниот т.е. губитнички пристап на мноштвото акционери во „Топлификација“ во спорот со „ТЕ-ТО“.
Вториот најголем тендер оди во рацете на „Пуцко петрол“ долгогодише успешен ловец на државни нарачки. Фирмата од Пласница чија основна дејност е трговија со нафтени деривати го доби тендерот за снабдување на скопското јавно превозно претпријатие ЈСП Скопје. Тендерот е вреден 15,35 милиони евра.
Трет најголем тендер е набавката на видео лотарски терминали на државното акционерско друштво Државна видеолотарија на Република Македонија. Тендерот е вреден 7,42 милиони евра, а го доби „Еуро Гејмс Технолоџи“ од Бугарија.
Очекувано, најголемата државно поседувана фирма ЕЛЕМ има два тендери во десетте најголеми. И двата се за ископ на јаглен и јаловина, со тоа што со вториот ангажираната фирма е во режим на повик, а не на конктунирано копање. Сиљан Мицевски, преку неговата фирма „Пелистер“ го доби првиот тендер вреден 6,14 милиони евра, а другата битолска компанија „Марковски компани“ е на „повик“ за 4,1 милиони евра.
На седмо место во најголемите 10 е и ЈП „Македонијапат“ за набавка на битумен за потребите на крпење на дупки и асфалтирање патишта. За тоа добитник е фирмата „КИ ЕМ“ за 5,46 милиони евра.
ЕВН Македонија, доминантно приватна фирма, која вршу јавна дејност – управување со електродистрибутивниот систем склучи договор за разни типови бетонски столбови за нејзината мрежа во вкупна вредност од 4,89 милиони евра. Договорот го доби стариот партнер „Карпош Скопје“, специјализиран за производство на бетонски столбови.
Единствениот државен орган е Министерството за здравство кое додели договор на „Алкалоид конс“ за лекови за лекување ретки болести вреден 4,39 милиони евра.
Сите податоци се достапни јавно на time.mk во делот за јавни набавки.
prezemeno od Faktor.mk