ЕУ забрани користење на пластика за еднократна употреба
Европската Унија постигна договор за забрана за користење на пластика за еднократна употреба, како што се пластичните чинии и сламки, пренесуваат европските медиуми, повикувајќи се на официјални лица од Австрија, која претседава со Унијата.
Австриската министерка за туризам, Елизабет Кестингер на „Твитер“ напиша дека е постигнат договорот, опишувајќи го тоа како чекор во напорите да се намали пластичниот отпад, пренесе агенцијата „ДПА“.
Договорот официјално треба да го потврдат земјите членки на ЕУ и европскиот парламент, а се очекува да стапи на сила за две години.
Европската комисија (EK) во мај годинава предложи забрана за низа пластични производи за еднократна употреба, за кои постојат алтернативи што не се од пластика, истовремено намалувајќи го користењето на предмети како еднократни пластични садови за храна.
Како една од причините за предлогот, ЕК тогаш го наведе фактот дека 80 проценти од отпадот во морињата го сочинува пластиката што ги загрозува флората и фауната во водите бидејќи бавно се распаѓа.
Траги од пластичен отпад често се наоѓаат во труповите на настраданите животни како што се желките, китовите или птиците, како и морските плодови со кои се хранат луѓето.