Иванов: Пандорината кутија е отворена и сега секој си зема право да го негира она што е наше.

Македонскиот јазол не може да се пресече туку треба внимателно да се разврзува. Работев на разврзување на тој јазол. Бев свесен дека има црвени линии преку кои не се преминува. На власт дојде некој кој мислеше дека може да го пресече јазолот и да го реши македонското прашање по секоја цена. Пандорината кутија е отворена и сега секој си зема право да го негира она што е наше.

Вака претседателот на државата Ѓорге Иванов го започна неговото последно годишно обраќање во Собранието, како носител на оваа функција.

За Договорот од Преспа рече дека и става крај на Република Македонија каква што ја знаеме и дека е изготвен без национален консензус и без негово знаење и согласност.

– Оваа влада побара од народот сам да се согласи на таа промена за да може правното укинување на македонскиот народ да се протолкува како негова сопствена волја. На референдумот народот се соочи со лажна алтернатива. Избор меѓу просперитет и идентитет. Референдумот беше неуспешен, народот се изјасни против избрзани и штетни решенија. На 30 септември тивкото мнозинство донесе гласна одлука дека никој нема право да го менува Уставот. Народот препозна дека е уценет и ја отфрли уцената. Мнозинството не само што не ја почитува одлуката на народот туку оди и спротивно од волјата на народот. Македонија е нашиот заеднички дом, вие сакате да ги разнишате носечките столбови и да ги раскопате темелите – рече тој.

Со слободното толкување на Договорот со Бугарија, вели тој, Македонија е втурната во лавиринт од кој тешко се излегува и дека Бугарија сега најавува анекс на Договорот.

Иванов рече дека иако некои ја негираат т.н. тиранска платформа, делата гласно зборуваат и смета дека Законот за јазиците ќе предизвика целосно блокада на институциите бидејќи секој негов член го прекршува Уставот.

Тој потенцираше дека долго време инсистира на попис, но дека тој е бесцелен без графата етничка припадност и вели дека без таков попис нема Охридски рамковен договор.

Иванов рече дека на 27 април минатата година, политичкото насилство довело до физичко насилство и праша која е разликата помеѓу неговите помилувања и амнестијата на власта.

– Вашата цел е обезбедување уставна поддршка преку уценувања. Јас ги дадов помилување за да се спречи хаос. Овој закон го потпишав за да ги разоткријам вашите вистински цели и намери. Овој закон за амнестија нека биде сведоштво за двојните стандарди. Го девалвирате и простувањето и помирувањето. Тоа ќе настане кога сите ќе побараме прочка од оние на кои што сме им згрешиле и ќе побараме прошка, а тоа оди рака под рака со одговорноста. Мене никој не може да ме уцени, не ми најдовте криминал, затоа го уништувате мојот углед со лаги и манипулации, а имав и закани по животот. Ме навредуваа и омаловажуваа – вели Иванов.

На 27 април, Иванов рече дека немало сценарио за воена и вонредна состојба, освен ако некој не го злоупотребил неговото име за свои цели.

– Постојано ми стигнуваат информации дека врз основа на усна наредба се врши следење, снимање и прислушување на мене, мојот кабинет и членовите на моето семејство. Се менуваат системи, називи, влади, директори а по се изгледа УДБА си останала УДБА – заклучи претседателот.

Тој вели дека не гледа друга перспектива освен членството во ЕУ и НАТО за кое смета дека ќе го сплоти целото општество, но вели дека тоа нема да се случи само со реализирање на Договорот со Грција.

– Мора да дадеме решение за клучните структурни проблеми наместо да чекаме да се решат кога ќе влеземе во ЕУ и НАТО. Не уверуваат дека Спогодбата од Преспа ќе ни ја отвори вратата. Премолчуваат дека дури и да се отвори вратата останува железната решетка на реформи – рече тој.

Иванов неколку пати го прекина говорот поради дофрлањето од страна на пратениците на владејачкото мнозинство, кои ги искара да слушаат кога им се обраќа претседателот.

– Потиснете ги вашите лични фрустрации, јас ве слушам цела година, слушнете ме вие сега. Ве молам слушајте, претседател на држава ви се обраќа – повтори Иванов во повеќе наврати.

Пратениците од ДУИ не беа присутни на седницата, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го поздравија обраќањето на Иванов со стоечки аплауз.

Translate »