Влада: Се шири листата на производи со ограничена маржа
Економскиот тим на Владата е во постојан контакт со сите засегнати страни и во тој контекст, како што и претходно беше најавено, ќе има проширена листа на производи по завршување на потребните анализи на пазарот, рече денеска владиниот портпарол Мухамед Хоџа, во одговор на новинарско прашање кога ќе се прошири листата на производи со ограничена маржа.
Владата вчера донесе одлука да се продолжи рокот на траење на мерката за ограничување на маржата на основните прехранбени производи во трговијата на мало и големо за следните три месеци, односно до крајот на годината. Со тоа е продолжена важноста на тековната одлука за таа намена, чија важност е до крајот на месецов.
Одлуката, како што потсети Хоџа, се носи заради потребата од ограничување на растот на цените на мало на основните прехранбени производи, како и поради тоа што состојбата на пазарот укажува дека цените не се стабилизирани. На овој начин, евентуалниот раст на цените во трговијата на големо и трговијата на мало ќе биде предизвикан од растот на увозните и берзанските цени, како и растот на производствените трошоци.