Илиевски, Дамовски и Јовановски амнестирани за 27 април

Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 Скопје, по издадено позитивно мислење од страна на Јавното обвинителтво, одлучи да ги помилува организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“ – Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Владо Јовановски.

„Кривичниот совет на одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по доставени барања во врска со Законот за амнестијата на настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Р. Македонија, а по добиено позитивно мислење од надлежното Обвинителство, донесе решенија со кои ги уважи барањата на Б.И., В.Ј. и Б.Д., опфатени во предметот со КОК бр. 40/18“, стои во соопштението од Основниот суд Скопје 1 Скопје.

Другите барања за кои од Обвинителството е добиено негативно мислење, советот донесе решенија со кои тие се одбиваат како неосновани. За сите решенија, во согласност со законот, обвинетите имаат право на жалба во рок од 3 дена до повисокиот суд.

„Сите други барања во одделот кирвично полнометни се во фаза на одлучување и во законски утврдениот рок ќе бидат донесени решенија што ќе бидат доставени до странките, а јавноста ќе биде благовремено известена“, наведуваат од судот.

Покрај Илиевски, Дамовски и Јовановски, како организатор на протестите беше посочен и оперскиот пејач Игор Дурловски, но тој не поднесе барање за амнестија во дадениот рок. Од обвинетите за крвавиот четврток, покрај Дурловски, барање за амнестија не поднесоа Јане Ченто, Игор Југ, Митко Чавков и Душко Лазаров.

Обвинетите чии барања за аменстија ќе бидат одбиени имаат рок од 3 дена за жалба до Апелациониот суд.

Translate »