Судот му го врати на СЈО предлогот за куќен притвор на Мијалков
Кривичниот суд го врати на доработка предлогот на специјалното јавно обвинителство (СЈО) за определување мерка куќен притвор за ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, осомничен во случајот „Империја“.
Од судот велат дека предлогот за Мијалков е некомплетен и го вратиле на доуредување. Кога предлогот ќе биде комплетиран, судот ќе донесе одлука по него.
„Во однос на предлогот за укинување мерка притвор и предлог за определување мерка куќен притвор со мерки за претпазливост во случајот од обвинителството означен како ‘Империја’, од страна на судија на претходна постапка е утврдено дека тој не е компелетен и е вратен на доуредување кај најдлежниот обвинител“, информираат од кривичниот суд.
Мијалков останува единствениот од случајот „Империја“ што е во притвор. Со одлуките на скопска Апелација сите други осомничени излегоа од притвор.
Во предметот „Империја“ истрагата опфати 13 лица. Првично притвор им беше определен на бизнисменот Јордан Камчев, неговите соработници Ненад Јосифовиќ и Зорица Арсовска, директорот на „Пелагонија“, Цветан Панделески, и директорот на фирмата „Ексико“, Тодор Мирчевски.