Светска банка со прогнозите ги урна желбите на Владата дека 2019 ќе биде економска година

Пораст на домашниот бруто-производ (БДП) во Македонија од 2,9 отсто во 2019 година предвидува Светската банка во најновиот јануарски извештај, што е сигнал дека тешко ќе се остварат најавите на Владата дека годинава ќе биде економска година.

Во Светска банка очекуваат конечните податоци за 2018 година да покажат дека лани економскиот пораст во земјава изнесувал само 2,5 отсто. Од банката во 2020 година ни предвидуваат пораст од 3,2 отсто.

Проекциите на Светска банка се разликуваат од оние на Владата, која очекува пресметките за минатата година да покажат пораст од 2,8 отсто и предвидува порастот годинава да биде 3,2 отсто, а во 2020 година дури 4 отсто.

Според Светска банка, македонската економија ќе расте побавно од економиите во регионот. Највисок раст во регионот годинава ќе забележи Косово од 4,5 отсто. Во Албанија се очекува пораст од 3,6 отсто, во Србија 3,5 отсто, а Босна и Херцеговина 3,4 отсто. Пораст под три отсто како Македонија се очекува единствено во Црна Гора каде се проектира пораст на БДП од 2,8 отсто во 2019 година.

Translate »