Претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис: слоганот „Македонија е една и грчка“ e иредентистички
Претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис смета дека слоганот „Македонија е една и грчка“ што се слушаше на протестите во Грција е „доста иредентистички слоган“, јави дописничката на МИА од Атина
Говорејќи на расправата за ратификација на Договорот од Преспа, Вуцис рече дека опозициските партии како Нова демократија, но и ПАСОК се служеле со трик во изминатите месеци и не се обиделе да го разграничат ставот за сложено име со географска одредница ерга омнес, од ставот изразен на протестите „никогаш и никаде да не се користи терминот Македонија, бидејќи Македонија е една и грчка.
Претседателот на грчкиот Парламент рече дека Договорот од Преспа е историски и од голема важност.
-Тоа е историски договор за Балканот, за Европската унија кој нишајќи се ја бара својата улога и односот со Балканот, за улогата на Балканот во целост во блиска иднина и перспективата во рамките на Европска унија која треба да го најде својот чекор во насоката што сакаме. Тоа е историски договор за стабилноста во регионот, за илјада други причини, не само за нашите национални интереси. Во оваа смисла е историски договор што има многу голема важност, рече Вуцис