Досие Влатко Ѓорчев!
Долгогодишниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Владимир (Влатко) Ѓорчев прв ја најави партиската кандидатура за добивање доверба за кандидат за претседател од редовите на опозицијата. Тој во изминатиот период ја започна личната кампања со посета на повеќе избирачки места во Македонија каде го „тестираше“ теренот и се чини дека доволно е охрабрен да ја води најпрво партиската битка, за потоа и да истрча на мегдан напролет.
За Ѓорчев јавноста прв пат слушна за време на студентските протести во 1997 година, кога имаше противење да се учи на албански јазик на Педагошката академија и Универзитетот во Тетово. Всушност од тој период започнува и неговата партиска кариера во ВМРО-ДПМНЕ, чиј член е уште од своите средношколски денови. Прв сериозен политички настап имаше на дебатна емисија со тогашниот премиер Владо Бучковски чиј начин на владеење жестоко го нападна. Екс премиерот, инаку и професор на Правниот факултет беше видно изненаден од настапот на Ѓорчев кого го нарекуваше младо момче, алудирајќи дека никогаш нема да дипломира. Нивните дуели продолжија и во Собранието на Република Македонија, а најжолчна дебата имаа за Законот за пушење каде Бучкоски употреби „сочни“ зборови, за потоа да им се извини на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, но не и на самиот Ѓорчев како член на Комисијата за здравство.
Конзервативен политичар со семејни вредности
Политичката философија на Влатко Ѓорчев е многу добро позната за јавноста. Тој е дел од поконзервативното крило на ВМРО-ДПМНЕ и никогаш не избегнувал да се изјасни дека е за заштита на семејните вредности, со дефинирање на бракот како заедница меѓу еден маж и една жена, како и заложби за зголемување на наталитетот преку државни политики и бенефиции. Поради ваквите ставови често беше критикуван од либералната јавност и ЛГБТИ активистите кои сметаат дека треба да се подобри статусот на геј заедницата во Македонија. Исто така неговите конзервативни ставови за абортусот го направија злогласен меѓу невладиниот сектор кој во 11 годишното владеење на Никола Груевски постојано критикуваа дека се намалуваат правата на избор на жената со еден ригиден закон кој прави поголема штета. Ѓорчев е самиот добар пример за политичар со профил на верник и семеен човек бидејќи има четири малолетни деца.
Своите политики кои биле во рамки на партиската политика Ѓорчев ревносно ги бранеше во Собранието на Република Македонија за што има голема доверба кај конзервативната јавност.
Со жив штит ги бранеше пратениците на Крвавиот четврток
Многу пофалби Ѓорчев доби за поведението на Крвавиот четврток. Во прес салата на Собранието каде беа нападнати пратениците од маскираните напаѓачи и гневни граѓани, Ѓорчев вложи големи напори да ги заштити. Неговите постапки најверојатно помогнаа да се спречат поголеми последици, на пример убиство на некој од пратениците.
За несебичната постапка признание доби и од пратеникот Хари Локвенец кој за Ѓорчев истакна дека ги бранел како сопствени деца, му се видело во лицето дека тоа го прави искрено и од срце и дека таква постапка не може да се изглуми. Ѓорчев при одбраната на пратениците организираше и други да се вклучат во одбранбениот обрач, а потоа интервенираше и во пружањето помош на повредените.
Може ли да ги затопли односите со Албанците?
Младиот политичар кој за „влакно“ ќе го исполни условот за минимална старост од 40 години при кандидатура за претседател, свесен е дека ваквите избори не може да се добијат без поддршка на етничките заедници, особено на албанскиот електорат во Македонија. Одбивањето на ДУИ да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ беше главната причина поради која Груевски не успеа да формира влада во 2016 година, а на Ѓорчев му е јасно дека коалицискиот потенцијал на партијата е намален.
Затоа тој често во јавните настапи се залагаше за подобрување на односите со Албанците чија доверба е потребно да се врати и да демонстрира дека ВМР-ДПМНЕ може да биде нивни партнер. При објавата на кандидатурата на Албанците им порача дека раката е подадена, дека треба заедно да живееме и да си помагаме, па затоа и очекува 500 илјади гласови од разочарани и излажани граѓани. Во претстојната кампања се очекува токму по прашањето на ставовите кон албанската заедница на Ѓорчев и ВМРО-ДПМНЕ да се упатуваат главните напади.
Валандовски Конгрес и по него
Влатко Ѓорчев се споменуваше како можен наследник на ВМРО-ДПМНЕ, но тој никогаш јавно не покажа такви амбиции и не се кандидираше за партиски лидер на Конгресот во Валандово. Тогаш дел од поблиските соработници на Груевски не присуствуваа на изборот на Христијан Мицкоски, но Ѓорчев ја даде својата поддршка и не предизвика партиски препукувања. Подоцна со новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ остана близок и кратко беше в.д. координатор на пратеничката група на опозицијата во законодавниот дом. За една година колку што Мицкоски е претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорчев остана лојален и ги поддржуваше партиските политики, а беше еден од најгласните за начинот на кој се спроведе референдумот на 30 септември со обвинувања за полнење на кутии, секако жесток противник на Преспанскиот договор. Пошироката јавност, како и неопределените му забележуваат што никогаш не ја искористи можноста да каже каде погрешил Груевски во минатото, ниту пак да се огради од одредени штетни политики или пак да покаже свесност дека истите не смее да се повторат никогаш.