Стево Пендаровски: Прашањето е дали јас можам да добијам доволна поддршка од граѓаните, од сите етнички заедници

Националниот координатор за НАТО и претседателски кандидат на изборите во 2014, Стево Пендаровски, во интервју за емисијата „360 Степени“ на Алсат, зборуваше за претседателските избори и можноста тој повторно да биде претседателски кандидат на владејачката коалиција.

– Никогаш не сум сакал да зборувам за амбиции, туку за реалитети, дали е реално воопшто да се вклучиш во трка. Во спротивно, гледам некои од потенцијалните кандидати велат, па да, зошто да не, или преку свои микрофони. Дали имаш ти желба, ќеиф, да бидеш претседател, премиер, министер, тоа треба да го оставиме за по дома. Прашањето е дали некој има реална шанса да биде избран, или во превод, дали може граѓаните да го поддржат во доволна бројка за да биде. Инаку желбата е, јас сум бил 2014, аспирациите и амбициите во таа смисла за мене не се спорни. Јас сум бил веќе еднаш претседателски кандидат. Прашањето е дали јас можам, и сите други, да добиеме доволна поддршка од граѓаните, од сите етнички заедници, не само од една или друга, како што правеше Груевски претходно, за да бидеме сериозни конкуренти за таа функција – рече Пендаровски.

Запрашан за тоа што вели неговата анализа во овој момент, тој кажа дека течат неколку анкети по нарачка на СДСМ, и треба да почнат разговорите во владејачката коалиција.

– Мојата претпоставка е дека мојот рејтинг, или мојата поддршка меѓу граѓаните не е битно различна од 2014 година – рече Пендаровски.

Тој кажа дека досега со Заев не разговарале на темата.

– Заев го има истиот логичен став од 2014. Тој вели дека сака да победи и ќе оди со кандидатот што има најголеми шанси да победи.

– Да не одиме во ризични комбинации, бидејќи тоа е една теза која се провлекува подолг период кај провладините аналитичари, кај што се тврди дека опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е во таков хаос, што не може да се собере во било која ситуација, и дека било кој кандидат на владејчкото мнозинство ќе се прошета на изборите. Да ве потсетам само, советничките листи на последните локални избори, кога ВМРО-ДПМНЕ беше во уште поголем хаос од сега, и донесоа 313 илјади гласови – рече Пендаровски.

Translate »