Бугарија го одобри пристапувањето на Македонија во НАТО
Владата на Бугарија го одобри нацрт-протоколот на Северноатланската спогодба за пристапување на Република Македонија во НАТО, пренесуваат бугарските медиуми.
Со одлуката, Советот на министри го овласти привремениот шеф на Постојаната делегација на Бугарија во НАТО да го потпише протоколот за пристапување, соопштиле од кабинетот на бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Кога амбасадорите на сите земји членки на НАТО ќе го потпишат протоколот, ќе следи усвојување на документот во националните парламенти на државите.
Процесот на ратификација на протоколот ќе се води забрзано, а Македонија може да стане членка на Алијансата на Самитот во јули годинава.