Охриѓанецот Чеди Осман на НБА Ол-стар викендот во Шарлот, настапи во патики со знамиња на Македонија и Турција.

Младата НБА-ѕвезда Чеди Осман искажа љубов и кон родната Македонија и кон Турција за време на Ол-стар викендот во Шарлот, Северна Каролина, настапувајќи во специјално дизајнирани патики со знамињата на двете земји.

(Фото: Си-Ен-Ен Турција)

Играјќи ја втората сезона во НБА, 23-годишниот кошаркар на Кливленд кавалирс беше дел од мечот на ѕвездите во подем и неговите патики не поминаа незабележано кај тамошните медиуми.

„Роден сум во Македонија, но играм за турската репрезентација. Затоа решив да ги ставам знамињата на двете земји на патиките, за да покажам дека ги претставувам двете држави. Сакав да им искажам љубов на двете земји, бидејќи знам дека имам поддршка таму“, изјави Осман.

Тој е роден во Охрид во 1995 година, а кошарка почнал да тренира во славниот клуб од БиХ, Босна. Поради турското потекло на татко му, Осман веднаш се здобил со турско државјанство кога во 2011 година се преселил во Анадолу Ефес. Тој се пријави на НБА-драфтот во 2015 година, кога од Минесота беше избран во втората рунда како 31. пик, за веднаш потоа да биде префрлен во Кливленд. Со репрезентацијата на Турција има освоено две злата на младински европски првенства.

Translate »