Рускоска бара Унгарија да го екстрадира Груевски, за да му се суди за загрозување на уставниот поредок

Петтемина поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, од кои тројца беа приведени вчера, а двајца се водат како недостапни, се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Трајко Вељаноски, Никола Груевски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Никола Бошкоски, всушност, се осомничени за истото дело како и повеќемина од триесетината обвинети во големиот судски процес за насилствата во парламентот на 27 април 2017 година кој се ближи кон својот епилог.

 За осомничениот Никола Груевски, кој доби азил од унгарските власти по успешното бегство од Македонија, Обвинителството за организиран криминал и корупција ќе бара проширување на барањето за екстрадиција, изјави Јавниот обвинител на Македонија Љубомир Јовески.

„Преку Министерството за правда, Обвинителката Вилма Рускоска ќе бара проширување на барањето за екстрадиција, за да може за ова тешко дело по член 313 од Кривичниот законик, Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, тој да биде испорачан и суден“, вели Јовески.

Истото ќе биде побарано и за осомничениот во оваа истрага, Никола Бошковски од УБК, кој е избеган во Грција.

Во оваа истрага, која долго време беше во предистражна фаза, осомничени се и Владимир Атанасовски, ексдиректорот на УБК кој веќе е во притвор, Миле Јанакиески и Спире Ристовски кои исто така добија притвор и уште синоќа беа однесени во затворот во Шутка, како и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски.

Вељаноски беше единствениот кој синоќа си замина дома, бидејќи се повика на пратеничкиот имунитет. Основниот суд Скопје 1 ќе бара од Собранието да му биде симнат имунитетот за да може да постапува во врска со барањето притвор против него.

За паравоен штаб во ВМРО-ДПМНЕ првпат зборуваше пред судот обвинетиот Александар Василевски – Нинџа. Тој и уште тројца обвинети треба денеска да го дадат завршниот збор. Со тоа ќе заврши судскиот процес за извршителите на организираниот напад на Собранието, но кои не се сметаат за главни осмислувачи на нападот и на сè што му претходеше со месеци наназад.

Обвинителката Рускоска потенцираше дека никогаш обвинител не се потпира само на изјави од сведоци. Кажа пред новинарите дека секоја изјава мора да биде поткрепена со материјални докази. Но, не открива сè уште какви докази има за Груевски дека го испланирал и координирал нападот и настаните што му претходеа, почнувајќи уште од протестите пред Државната изборна комисија.

На судењето на 33-та обвинети за 27 април, од кои 15-мина добија амнестија за да се изгласаат уставните измени, се читаа дел од пораките на вибер меѓу Трајко Вељаноски и Оливер Шамбевски, но и од тие со Димитар Стевананџија. Во една од пораките Вељаноски му пишува на Шамбевски: „Влада нема да има, ако треба со жив ѕид ќе спречиме“.

Вељаноски му пишува на Стевананџија на 18.03.2017: „Многу јаки сте прилепчани, уште ќотек да им дадете на комуњариве“.

Извесен Дејан во друга порака по вибер го информира Трајко пред настаните на 27 април: „Залихи на муниција во МВР има само 35 илјади куршуми, или само 4 часа дејствување. Овој шиптаров ги има закочено сите набавки. Исто и за залихите со храна. Кумашинот е таму шеф, па да го знаете“. На 26.04.2017 Груевски му препраќа на Трајко порака што ја добил од Митко Чавков, еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста: „Добро утро директоре. Да ве известам, во моментов добив инфо од лојален колега Албанец дека денес околу 13 часот се планира нешто од другата страна, дали инцидент, дали со сила изгласување на претседател. Во моментов немам повеќе информации“.  Се читаа и други пораки на вибер од обвинететие според кои јасно се гледа ддека ги организирале и координирале настаните од 27 кои се дефинирани како  терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Translate »