„Зелениот покрив“ на ГТЦ е премалку зелено решение, велат урбанистите и граѓаните
Понуденото решение за покривот на Градскиот трговски центар не е она што јавноста го очекуваше и не може да се нарече „зелен покрив“, се најчестите реакции на јавноста откако градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, заедно со градоначалникот на Општина Центар, Сашa Богдановиќ и со претставници на УНДП го промовираа проектот за идниот зелен покрив на ГТЦ.
Граѓаните, архитектите и урбанистите се прашуваат зошто градските власти се одлучиле за реализација токму на вакво идејно решение со оглед на тоа што никаде не се појави информација дека е објавен конкурс за избор на најдобар проект на зелен покрив на Трговскиот центар, кој претставува значајно архитектонско наследство на градот.
„Изградбата на зелен покрив на ГТЦ е еден од проектите за враќање на загубеното зеленило во Малион ринг во Скопје, како и проект кој ќе придонесе и за намалување на температурата во централното градско подрачје преку намалување на ефектот на урбаните топлински острови, подобрување на квалитетот на воздухот и управувањето со врнежите. Зелениот покрив на ГТЦ беше предизборно ветување на Градоначалникот Шилегов и барање на голем број организации, активисти и посетители на Трговскиот“, стои во писмениот одоговор на Службата за информирање на Град Скопје. Во него, исто така стои и дека „процесот се водеше според важечките правила за јавни набавки на УНДП согласно договорот меѓу УНДП и Градот, како и согласно меморандумот за соработка со АД ГТЦ“.
„Ајде убаво да го избришете и сите да пробаме да заборавиме дека сме го виделе. И ГТЦ да не се чепка додека не се смисли нешто што е достојно“, „ГТЦ е ремек-дело, не заслужува вакво решение за покривот, несоодветно со стилот и без било каква функционалност. Чие е ова решение, кој го одобри, како ве убеди и го одбрани? Дали имаше конкурс?“, се вели во реакциите на социјалните мрежи по промоцијата на идејниот проект за покривот на ГТЦ.
Според урбанисти со кои „Мета“ се консултираше, понуденото решение не кореспондира со вистинскиот концепт на зелени покриви, кои, според архитектонските трендови, по дефиниција се покриви каде површината претежно целата или целосно е засадена со зеленило.
– Од она што можеше да се види на 3Д визуализацијата, се работи за спротивен концепт, односно има 80 проценти поплочена површина со придружни елементи а 20 проценти е зеленило – вели Дамјан Балкоски, архитект и урбанист, асистент на Архитектонскиот факултет при МИТ-универзитетот во Скопје.
Според Балкоски, жалните врби и малите елкички се слаб придонес во борбата против ПМ честичките. Поплочените површини ќе го имаат токму спротивниот ефект. За вакви проекти Градот требало да објави конкурс за изработка на архитектонско и пејсажно уредување на покривот на ГТЦ и во јавна расправа да се избере најдоброто решение.
„Со ваквиот концепт на зазеленување на покривот на ГТЦ нема да се постигне целта која сите ја сакаме, а тоа е да се прочисти загадениот воздух бидејќи зелената површина е премногу мала, а освен тоа и растенијата кои се предвидени таму за засадување не соодветствуваат за таа намена туку се потребни дрвја со широки крошни и густи гранки за да ја имаат функцијата на апсорбирање на топлината на објектот, а во зима прочистување на воздухот“.
Од Канцеларијата на УНДП ни потврдија дека ова е уште еден од проектите на кои соработуваат Градот Скопје и оваа организација.
– Зелените покриви се една од мерките кои помагаат во намалување на топлинските острови. Термалното мапирање на Град Скопје кое што го направи УНДП во текот на изминатите месеци покажа дека ГТЦ е една од најжешките урбани точки во градот – велат од УНДП и посочуваат дека било утврдено дека постои температурна разлика од скоро 10 степени помеѓу плоштадот и покривот на ГТЦ.
Проектот ќе зафати површина од 1.600 квадратни метри, што е дел од површината на целиот покрив на ГТЦ.
Според Сандра Исмаилова од УНДП, проектот „Зелен покрив“ на ГТЦ целосно се финансира од Градот Скопје и ќе чини 35.079.800 денари, но и дека идејното решение и проектот биле добиени веќе готиви од ГТЦ, додека УНДП била надлежна само за распишување и водење на тендерската постапка за изборот на фирма изведувач.